Учењето да се ползи е една од големите пресвртници бидејќи го означува почетокот на способноста на детето да се движи и да истражува. Сега е  видливо која сила ја стекнало бебето во првите 6 месеци до една година за да може усогласено да ги движи рацете и нозете и само да ги контролира движењата. Преминот од мирување во состојба во која бебето непрестајно се движи доведува и до промена во неговиот метаболизам. Многу родители се прашуваат дали нивното дете би требало да губи килограми како резултат на согорувањето повеќе калории. Одговорот е „не“. Почетокот на ползењето не би требало да резултира со губење килограми. Ако тоа се случи, веројатно постојат некои други причини. Ќе наведеме некои од нив:

Можно е вашето бебе да не внесува доволно калории

Пред бебето да почне да ползи, неколку недели вежбало како да се постави во вистинската положба за движење, што значи дека било активно и трошело дополнителни калории. Веројатно многу повеќе отколку што трошело додека не се движело. Ако во тој период вашето малечко внесувало иста количина калории, неговата тежина веројатно малку ќе падне. Со оглед на тоа дека повеќето деца почнуваат да учат да ползат во периодот помеѓу 6 и 12 месеци, за претпоставување е дека веќе го храните со цврста храна. Цврстата храна во комбинација со мајчиното или адаптираното млеко би требала да придонесе тежината на детето да остане стабилна додека  учи да ползи. Ако губитокот на килограми е очигледен, во исхраната, за да се подигне енергијата на бебето, добро е да се внесе сирење и авокадо.

Ако и покрај додавањето калории вашето бебе губи од телесната маса, посетете педијатар.

Можно е бебето нагло да расте

Наглиот раст се случува во текот на првата година од животот на детето. Некои од најчестите периоди на брзиот раст се 3, 6 и 9 месеци од животот. Кај некои деца токму тој период се поклопува со времето кога тие учат да ползат. Ако тоа се случи, бебето изгледа како да губи на тежина, а во реалноста станува повисоко.

Во текот на овој период бебето бара повеќе оброци или често и меѓуоброци што му даваат енергија за раст. Затоа, иако се чини дека бебето ослабело, додека всушност пропорционално расте, сè е во ред.

Можно е бебето да почнало да ползи додека било болно

Ако бебето научило да ползи во периодот додека било болно, можно е да изгубило килограми. Тоа се случува затоа што внесувањето течности, ако детето имало температура, е помало отколку во периодите кога детето е здраво, а веројатно е намалено и внесувањето на храна. Кога тоа ќе се поврзе со зголемениот обем на активности, има смисла да се каже дека детето изгубило неколку килограми. Меѓутоа, штом бебето ќе почне да се чувствува подобро, изгубената тежина би требало брзо да се врати. Ако губењето на килограмите продолжи, можеби постојат некои други проблеми, а во тој случај потребно е да се посети лекар.

Извор



912

X