Игротека

Вашето бебе не сака да спие? Еве што треба да знаете за циклусите на спиење

Медицинската сестра, бабица и авторка на книги – Френ Чавасе вели дека многу луѓе погрешно веруваат дека децата можат да научат да спијат на која било возраст. Во нејзината книга „Тресилијан – книга за спиење“ таа нуди совети за нормален развој на спиењето кај бебето, циклусите на спиење и знаците.

Да се донесе дома новороденчето е возбудливо, но истовремено и интензивно чувство, особено ако тоа ви е прво дете.

Една од најголемите грижи на многу родители е дали бебето ќе спие во текот на ноќта. Може да предизвика одреден страв, особено ако сте самохран родител или ако во најголемиот дел вие се грижите за вашето бебе, и дење и ноќе; или мора да се вратите да учите или да работите додека бебето е уште мало.

Нема сомнение дека е важно да спиете што повеќе за да можете да се фокусирате и да функционирате во текот на денот.

Многу родители зборуваат за недостиг на сон, особено во првите неколку месеци, и реалноста е дека нема да добиете доволно квалитетен сон како што имале пред да пристигне вашето бебе.

Секој нов родител доживува одреден степен на исцрпеност поради неспиење во зависност од тоа колку сон претходно му бил потребен. Значи, тажно е што една од загубите кога станувате родители се вообичаените часови и квалитет на сон!

Од ваша перспектива, будењето неколку пати во текот на ноќта за хранење на вашето бебе може да биде стресно, но бебињата имаат причина за тоа и тоа е нормално во текот на првата година. Сонот на вашето бебе има развоен тек исто како што тоа ја развива способноста да оди и да зборува.

Исто како одењето и зборувањето, и сонот на вашето бебе се развива чекор по чекор, така што за развивање на способноста за спиење цела ноќ без будење ќе биде потребно некое време и тоа е речиси последниот чекор за развој и созревање во текот на првата година од животот.

Затоа, развојот на спиењето на вашето бебе е внатрешно контролиран од неговите мозочни и телесни хемикалии и претставува прилично комплексен процес. На сонот надворешно влијае и начинот на кој ќе го организирате опкружувањето за спиење.

Вие му помагате на бебето во развојот на спиењето на ист начин како што му помагате да научи да зборува и му давате можност да се тркала, да седи, да ползи и да оди.


Развој на нормален сон

Затоа, прво да разговараме за развојот на нормалниот сон. Кога првпат ќе го донесете бебето дома, тоа нема 24-часовна деноноќна шема. Тоа се храни и спие во кое било време во период од 24 часа додека не наполни четири недели. Потоа, по четири недели навечер ќе почне да спие повеќе, а повеќе ќе биде будно во текот на денот.

Овој 24-часовен часовник е неговиот деноноќен ритам што вклучува физички, емоционални и социјални задачи кои се од витално значење за здрав сон. Многу е важно да му помогнете на вашето бебе да го воспостави својот деноноќен ритам затоа што ова е првата фаза од развојот на спиењето.

Како да го направите тоа? Прво, важно е вашето бебе да биде изложено на природна дневна светлина, особено наутро и во раните попладневни часови. Тоа значи дека во домот треба да имате многу природна светлина и отворени завеси во текот на денот.

Шетањето во количка во попладневните часови е одлично изложување на дневна светлина иако е важно бебето да не е изложено на сонце. Се разбира, налето е полесно да го изложите на дневна светлина отколку во зима, така што попладневната прошетка во зима е добра опција ако не е премногу студено. Дневните дремки не треба да бидат во целосно темна просторија.

Следно, на вашето бебе дефинитивно му треба најмалку 10-часовен период на природна темнина секоја вечер. Ова значи да го ставите во кревет во затемнета просторија, далеку од бучава и врева. Всушност, сите деца бараат тивка и темна просторија за добро да заспијат. Навистина важен аспект на одржување на периодот на темнина е да избегнете предолго држење на бебето под вештачка светлина.

Социјалните интеракции навечер нека бидат на минимум, но важно е да остварите контакт со очите со бебето; на тој начин заедно ги комуницирате сите ваши емотивни информации. Контактот со очите, нежниот, ритмички допир и мекиот смирувачки глас му се потребни на вашето бебе за да се смири и да заспие.

Рутини пред спиење

Добар начин да му помогнете на вашето бебе да воспостави здрав сон е да почнете предвидлива и флексибилна рутина пред спиење уште од самиот почеток. За време на дневните часови, ова може да биде брзо како промена на пелена, бакнеж и легнување во кревет.

Ноќната рутина треба да сигнализира дека ќе се случи подолг сон со продолжена темнина, така што оваа рутина пред спиење може да вклучува време за капење, смирувачки песни, милувања, приказни и бакнеж.

Ноќната рутина на вашето бебе треба да биде само 10-15 минути кога е многу мало, и во зависност од тоа колку е уморно. Должината на ноќната рутината постепено се зголемува на околу 40 минути од 12-18 месечна возраст.

Дневни дремки

Откако по четири недели ќе утврдите дека ноќниот период е период за спиење, што со денот?

Денот е време за социјализирање, а хранењето е најсоцијалното време од сите. Ова е време кога воспоставувате контакт со очите и зборувате, исто како што правите со вашите пријатели и семејство кога јадете со нив.

Иако денот е за социјализација, мозокот на бебето го регулира неговиот сон и кажува кога е време за спиење. Повеќето новороденчиња спијат околу 14 часа на ден, некои 16, но секое бебе е индивидуа и никој не може да предвиди колку часови му се потребни.

До 12 месеци вашето бебе ќе спие околу 12 до 13 часа на ден, вклучувајќи ги и кратките дневни дремки.

Разбирање на знаците за спиење

Следната интересна работа е дека спиењето на вашето бебе и вашето спиење работат на ист начин. Вашата потреба за сон се зголемува преку ден и конечно мора да си легнете и да спиете додека се одморите, па се будите; освен кога имате бебе.

Потребата на вашето бебе за сон се зголемува во мозокот побрзо – токму затоа му е потребен повеќе сон; но тоа не може да заспие додека не е подготвено – со други зборови, не можете да го научите неговиот мозок да спие.

Сигнали за сон:

Тешки капаци
Проѕевање
Мирно е
Тивко е
Нервозно е
Ги цица рацете

Циклуси за спиење на бебињата

Веројатно сте слушнале за следниот дел од нормалниот сон и тоа е развојот на циклусите на спиење на вашето бебе. Вашето бебе има циклуси на спиење долги 50-60 минути и тие се состојат од тивок до активен сон. Тивкиот и активен сон имаат свои посебни физички обрасци.

Сега е прилично лесно да се види кога вашето бебе спие затоа што неговото тело не е активно, тивко и рамномерно дише и неговото лице е целосно смирено.

Сепак, активниот сон е малку позбунувачки и вие мислите дека бебето ќе се разбуди. Кога вашето бебе е во активен сон, доста е активно со телото и повеќе реагира на бучава. Неговите очи ќе мрдаат под капаците, а лицето ќе му биде поизразено, дури и може да се насмее. Ова е нормално за активниот сон, но тоа нема да се разбуди, туку само сонува.

Активниот сон е многу важен за развојот на мозокот на вашето бебе, особено во раните месеци кога не е  многу будно, па дефинитивно му е потребен активен сон. Како што станува сѐ подолго будно и дружељубиво, тоа има помалку активен сон.

Сега нешто друго се случува по целосниот циклус на спиење што може да ве збуни и на крајот да доведе до тешкотии во спиењето, особено во првите шест месеци. Додека се движи помеѓу целосен циклус на спиење кон следен циклус, тоа има преодна или поспана фаза каде што ги отвора и ги затвора очите, нередовно дише и може да испушта звуци, да плаче или да вика. Сите овие однесувања може да ве натераат да мислите дека е гладно, треба да му се промени пелената или дека му е потребно гушкање.

Ова е период кога вашето бебе треба да развие способност да се смири само и да спие, но потребно е време. Бебето на три месеци не знае да го направи тоа само. Неговите циклуси на спиење се незрели, па ќе му треба помош од вас за да презаспие. Причината за ова будење е затоа што тоа сè уште не е способно самото да се смири и да презаспие. Всушност, ова е последниот дел од развојот на сонот.

Кога тоа не може само да се смири, ова е време да пробате нежни ритмички потчукнувања или бавно движење наместо доење кога не е време за доење.

По три месеци вашето бебе ќе почне да спие подолго во текот на првиот дел од ноќта, може да спие од 3 до 5 часа, но тоа зависи од самото бебе, колку спиење му треба, како и од неговата личност и семејната средина.

Ова е нормално спиење во текот на првите 12 месеци. Некои бебиња имаат подобра способност сами да се смират и да презаспијат, а на други бебиња им е потребен подолг период и помош за да го направат тоа. Тешкотии во спиењето се јавуваат кога вашето бебе си легнува и не може да спие само и за време на периодот кога вашето бебе се меша меѓу циклусите на спиење и се обидува самото да се смири за да заспие.

Вашиот сон и сонот на вашето бебе се во врска, па кога ќе се случи кое било од овие две нарушувања на спиењето, обајцата треба да приспособиме што се случува.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top