Не се ни завртивте, а уште една година е зад вас. Со носталгија ги гледате семејните фотографии и се прашувате како е можно децата да се толку големи. Полека станувате свесни дека тие се сè посамостојни, помудри, повешти. Поради тоа сте бескрајно горди на нив. Но, истовремено имате сентиментален момент и би сакале времето да застане, бидејќи сфаќате дека нема уште долго да им требате како сега. Одлучувате дека сакате подобро да го искористите времето и да создадете уште подобар и поблизок однос со своето дете. Сакате да бидете уште подобар родител за своите деца. Во време на новогодишни одлуки, заклучувате дека таа ви е една од најважните.

Во долгогодишната работа со деца, научивме што им е најважно и што очекуваат од своите родители:

1. Покажете им колку ги сакате

Прегрнувајте ги и бакнувајте ги без разлика на возраста бидејќи со тоа нема да ги разгалите. Од тоа никогаш не може да биде премногу.

2. Прифатете ги такви какви што се

Немојте да ги споредувате со други деца, ниту со сопствените ниту со туѓите. Некогаш родителите очекуваат нивното девојче да биде балерина, а всушност го интересираат борачки вештини. Интересите на детето не се секогаш во согласност со очекувањата на родителите, но секогаш им е важно да бидат прифатени.

3. Слушнете ги

На децата им е важно да бидат слушнати без осудување. Така им покажувате дека ги разбирате и дека ги сакате. Така им давате до знаење дека ги вреднувате, што е клучот за довербата и успешниот и рамноправен однос во иднина.

4. Разговарајте

Зборувајте со нив! Кога само вие им зборувате, тогаш ги подучувате, а со тоа си ја скратувате можноста да дознаете како размислуваат.

5. Поставете граници

Поставете јасни граници и правила за тоа што е за вас како родител прифатливо, а што не е, и доследно држете се до својот избор. На тој начин децата учат да ги почитуваат туѓите и да поставуваат сопствени граници.

6. Бидете им пример

Децата најдобро учат според модел, односно метода за демонстрација. Децата многу побрзо и полесно ќе сфатат како нешто да направат кога ќе им покажете со сопствен пример отколку кога добиваат само вербални упатства.

7. Бидете им безусловна поддршка

Бидете секогаш покрај нив во сите ситуации, без разлика на тоа дали сте лути или горди на нив.

8. Имајте доверба

Дозволете им да донесат одлуки во согласност со својата возраст бидејќи никој од нас не научил да оди, а барем еднаш да не паднал.

9. Поттикнете ги и охрабрете ги

Дајте им на децата можност да се соочат со нови предизвици и фрустрации бидејќи секојпат кога нешто успешно ќе совладаат, расте нивната самодоверба и позитивната слика за себе.

10. Играјте со нив

На децата играта им е најважна и преку неа најмногу учат, па затоа е важно да си играте со нив. Заедно дувајте балони, редете коцки, цртајте, читајте, поминувајте време на отворено и слично.

Вашиот однос со детето е темелот за сè. Колку добро соработуваат со вас, начинот на кој се доживуваат себеси, како и начинот на кој се однесуваат со другите. Правете сè што можете секој ден за да изградите што посилни и позитивни темели.

Во новата година ви посакуваме да имате што повеќе време за создавање убави спомени со вашите деца. Бидејќи како што Б. Милер вели: „Најважните работи во детските животи се сигурноста, љубовта, прифаќањето и охрабрувањето“.

Автор: Кристина Вучиниќ, интегративен детски терапевт, воспитувач и Ирена Перош Гргос, интегративен детски терапевт, професор по педагогија и социологија



912

X