Американските водечки гинеколошки групи тврдат дека вакцинацијата против ковид-19 за бремените жени е императив. Американскиот колеџ на акушери и гинеколози и Здружението за мајчинско-фетална медицина објавиле извештај во кој се препорачува вакцинација, со оглед на тоа дека бројот на заразени со делта-сојот продолжува да расте. Во соопштението, претседателот на Колеџот на акушери и гинеколози, д-р Мартин Такер, вели дека бремените треба да се вакцинираат.

Пред да се објави официјалната препорака, здруженијата рекоа дека од вакцинацијата не треба да се воздржуваат бремените жени. Последното тврдење е поттикнато од студии кои покажуваат дека вакцините се безбедни и ефикасни. Исто така, експертите препорачуваат здравствените работници да продолжат да ги охрабруваат луѓето и да споделуваат информации со бремените жени кои сѐ уште се двоумат. Организациите споделуваат и онлајн-информации за да им помогнат на своите членови да започнат дискусија со пациентите во однос на безбедноста и ефикасноста на вакцините.

Не се фаворизира одредена вакцина за бремените жени. Центарот за контрола на заразни болести и превенција од САД, на својата официјална веб-страница издаде тврдење дека студиите за вакцините кои се направени во САД, како „Модерна, „Фајзер“ или „Џонсон и Џонсон“ резултирале со докази оти нема потреба од загриженост за бремените жени и нивните бебиња. Тие потенцираат дека невакцинирана трудница има зголемен ризик од сериозни компликации од вирусот, особено од делта-сојот, кој очигледно има доста поголема трансмисија и влијае врз здравствениот систем во САД. Експертите, исто така, велат дека ковид-19 може да го зголеми ризикот од лоши исходи во бременоста, на пример, предвремено породување и други компликации.

Администрацијата за храна и лекови во САД, од друга страна, вели дека бремените жени треба да дискутираат за своите опции со своите лекари, а агенцијата ги одобри РНА-вакцините за итно користење на почетокот од 2021 година. Студија објавена во април во „Њу Ингланд журнал оф медисин“ тврди дека кај над 35 илјади бремени жени што примиле или „Фајзер“ или „Модерна“ немало негативни ефекти за мајките и нивните бебиња. Студијата покажува дека бебињата во утробата на вакцинираните мајки примиле одредени антитела за да ги заштитат од ковид-19. Експертите велат дека РНК-вакцините поттикнуваат имунолошки одговор со антитела кои се детектираат и во мајчиното млеко.

Во меѓувреме, како што податоците ги покажуваат ефикасноста и безбедноста на овие вакцини за бремените жени, експертите сѐ уште чекаат повеќе податоци за вакцината „Џонсон и Џонсон“ . Според извештаите, лекарите имаат поделени мислења за тоа дали да се дава оваа вакцина бидејќи има пријавено неколку ретки случаи на згрутчување на крвта. Сепак, Линда Екерт, професор по гинекологија и акушерство на Универзитетот во Вашингтон – школа за медицина, вели дека пријавените случаи поврзани со индивидуи вакцинирани со „Џонсон и Џонсон“ покажале само 7 случаи на згрутчување на крвта, по дадени милион дози. Некои бремени пациентки исто така ја преферираат оваа вакцина бидејќи е потребна само една доза за лицето да биде целосно вакцинирано, за разлика од РНК-вакцините за кои се потребни 2 примени дози.

Автор: Лилијан Скот

Извор



912

X