Вакцината на „Фајзер-Бајонтек“ е безбедна за употреба и обезбедува високо ниво на заштита од Ковид-19 кај деца на возраст од 12 до 15 години, покажуваат податоци од клиничките испитувања.

Испитувањата, спроведени на 2.260 адолесценти во САД, ја зголемуваат надежта дека учениците можат да почнат да се вакцинираат против Ковид-19, што е голем чекор напред и ќе обезбеди покриеност на повеќе луѓе со вакцина и ќе помогне во контролирањето на пандемијата.

Истражувачите пријавиле робустен одговор на антитела кај децата кои биле вакцинирани, што е повисоко отколку во истражувањата на младите возрасни лица на возраст од 16 до 25 години. Вакцината била 100 отсто ефективна во спречување на симптоматскиот Ковид-19, велат од „Фајзер“.

Прелиминарните податоци, кои допрва треба да бидат разгледувани, покажале дека нема случаи на Ковид-19 кај целосно вакцинирани адолесценти, во споредба со 18 инфекции што биле пријавени кај учесници кои примиле плацебо.

Децата имале несакани ефекти слични како и младите возрасни, вклучувајќи температура и замор, особено по втората доза. Истражувањето ќе продолжи да ги следи волонтерите две години за повеќе информации во врска со долгорочната заштита и безбедност.

Во Велика Британија вакцината „Фајзер“ е моментално лиценцирана за употреба кај луѓе на возраст од 18 години и над, додека минатиот месец било спроведено истражување за процена на безбедноста и имунолошкиот одговор на оксфордската вакцина кај деца на возраст од 6 до 17 години.

И „Џонсон & Џонсон“ планираат педијатриски истражувања. И во Кина, „Синовак“ неодамна објави дека доставила прелиминарни податоци до кинеските регулатори кои покажуваат дека нејзината вакцина е безбедна за деца на возраст од три години.

„Фајзер“ и нејзиниот германски партнер „Бајонтек“ во меѓувреме планираат да побараат од американската Администрација за храна и лекови и од европските регулатори да дозволат итна употреба на вакцината почнувајќи кај деца од 12-годишна возраст. Таа во моментов е овластена за употреба кај лица на возраст од над 16 години.

– Ја делиме итноста за да ја прошириме употребата на нашата вакцина – вели Алберт Бурла, извршен директор на „Фајзер“. Тој изрази надеж за почеток на вакцинирање на оваа возрасна група пред почетокот на следната учебна година во САД.

Извор



912

X