Не постои добра идеја која ние не можеме да ја упропастиме! Не верувате? Ајде преку пример со одделенските или вајбер-групите од градинка да видиме дали тоа е точно… Замислени се за полесна и побрза размена на корисни и важни информации кои се однесуваат на сите деца од едно одделение или група во градинка, а станаа легло на лицемерство, полигон за пресметки и кавги, место за ширење лажни вести… Ако сѐ уште не верувате, погледнете ги коментарите на некои родители, запрашајте се во која група вие спаѓате, па од септември, памет в глава.

– Го проколнувам денот кога влегов во вајбер-групата на родителите чии деца учат со мојата ќерка. Не можам повеќе да ги поднесам мајките што се занесуваат, паѓаат во несвест од милина, си делат комплименти една на друга, а од друга страна не сакаат да се видат… Групно ги фалат сите наши ангелчиња, своите најмногу, а ги слушам како им зборуваат на своите ќерки дека нема што да бараат со „онаа“, а на синовите да се тргнат од примитивците и дивјаците од одделението. Ми се повраќа од нив. И со задоволство би им го напишал тоа, но глупаво ми е заради децата – вели Дејан Лончаревиќ од Нов Белград.
И на неговиот кум, чие дете наесен ќе биде прваче, најмногу му смета лицемерството. Вели дека повеќето родители изминатите 3-4 години фрлаа дрвја и камења по воспитувачките, а сега се потепаа кој да купи подарок и кој да напише патетична порака.

– Луѓето не се нормални. На 1 јануари, една минута по полноќ, праќаа честитки во групата. Се прашував како никој од нив не отрча да му ја честита новата година на своето дете, својот сопруг, брат, сестра, родители, на најдобриот пријател, туку ни честитаат нам, што се гледаме на пет минути пред градинката – искрено раскажува Саша.

Најлошо е на крајот од учебната година

– Јас мислев дека вајбер-групата е корисна работа, да напишеме дека детето ни фатило сипаници или вошки, да дознаеме дали некој некого тепа, кубе, игнорира… Мислев дека така полесно ќе се организираме кога ќе треба да се соберат пари за роденденски подароци, да купиме хартија за цртање и други потребни работи, а групата служеше само за фалење, за ставање слики од родендени и скапи роденденски подароци, слики од летување и зимување и еден куп срциња и смајлиња. Ми се смачи од родителите чии деца ниту мочаат, ниту какаат, немаат вошки, а главите им се полни со гниди – вели мајка на петгодишно девојче од една земунска градинка.
Најлошо е на крајот од школската година, кога родителите, незадоволни од заклучените оценки, почнуваат со прашања… „Дали и на некој друг онаа крава по биологија му ја скрати оценката како на мојата Тамара“, „Вреди ли да се оди кај хемичарката и да ја молиме за петка или да чекаме уште малку. Ако таа на Ацо му даде четворка, од српски ќе му даде петка, па ќе може да биде одличен…“
„Оди, драга, кај хемичарката. Кажи ѝ дека успехот ќе му биде важен вгодина за упис во средно“, одговара еден родител и му се обраќа на друг: „Замисли ја кретенката, сака да бара четворка од хемичарката, а нејзиното дете цела година имало меѓу 2 и 3.“
Со текот на годините постојат и поголеми проблеми од лицемерството, покажува разговорот со другите родители.

– Иако на почетокот од првото одделение се договоривме да направиме вајбер-група за да разменуваме информации за домашните задачи, одење на рекреативни и еднодневни излети, собирање пари, зашто првачињата често забораваат да го споменат тоа кога ќе дојдат дома, јас од таа група имав само фрустрации. Кога мојот син ќе се разболеше и ќе отсуствуваше од школо, ги молев да ми сликаат и да ми испратат на групата што работеле тој ден, а тие ништо. Гледам кој сѐ ја прочитал пораката, но никој не одговара. Прашувам кога имаат писмена, а сите се прават луди за моето дете да добие четворка. Вгодина нема шанси да влезам во нова група – огорчено раскажува Смилјана Арсенијавиќ.

Ми пукна филмот, излегов од групата

Драгица, мајка на една осмоодделенка, не сакаше да го чека крајот на годината. Се исклучи од групата во средина на шесто одделение и вели дека оттогаш ѝ е мирна главата.
– Ми пукна филмот кога мајките на трите најпопуларни девојчиња, кои ги малтретираат сите други, почнаа да ги напаѓаат сите во групата. Тие мали шмизлички изгледа секој ден кога ќе дојдат дома им кажуваат на родителите најразлични лаги. Потоа нивните мајки ни држат предавање нам како да ги воспитуваме децата зашто тие целиот живот го подредиле на воспитувањето на своите ангелчиња, кои се најубави, најдобри, најпаметни и најфини. Ми пукна филмот, па закачив слики на кои се гледа како нивните ќерки пушат и пијат пиво зад училиштето. Оттогаш сум мртва за нив, но и тие за мене. Другите ги трпат зашто едната е фармацевт, им дава антибиотици без рецепт, другата работи во полиција, па им вади документи преку ред, а третата им дава попуст кога им продава торти што сама ги приготвува.



912

X