Теодора е темпераментно и упорно дете, а цртањето и е омилена активност
Кога на 4 години мајка ѝ ја однела во школа за цртање, наставникот Петар Беслач бил скептичен дали е вистинско време Теодора Стојановска да почне да учи. Но, како што одминувале неделите и месеците, таа сè повеќе уживала во часовите, а и ден-денес црта со истиот наставник. Теодора сега има 9 години и е IV одделение во Основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Скопје.
Пред 3 години Теодора освои трето место во категоријата за деца до 7 години на ликовниот конкурс „Ладна“, лани освои прво место на меѓународната детска ликовна изложба „Флора и фауна – извор на животот и убавината“ при Детскиот ликовен центар. Лани и преклани беше дел од изложба на која учествуваа учениците на наставникот Беслач.
Цртањето ѝ е омилена активност на Теодора.
– Како и секое дете, и Теа како помала сакаше да црта со водени боици, дрвени боици… Но, гледајќи дека ужива додека црта и дека нацртаното во нејзините цртежи има одредена смисла, сметав дека може да почне со часови по цртање. Таа ликовите и предметите ги црташе многу реално. На 4-годишна возраст ја однесов во школата за цртање „Еко арт“ и наставникот малку беше скептик дали е вистинско време зашто децата на таа возраст немаат доволно трпение да седат долго и да се концентрираат на една работа. Но, се покажа дека ужива – раскажува мајка ѝ Персида Отовиќ-Стојановска.
Со родителите
Теодора е темпераментно дете, но, како што вели мајка ѝ, и доста тврдоглаво. Компетитивна е речиси на секое поле, сака да истражува, љубопитна е. Обожава животни, им пристапува со многу љубов, особено на нејзината мачка Бела.
– Нејзиниот темперамент го скротува со пливање, односно таа веќе три години оди на часови по пливање, тренира во пливачки клуб. Има освоено 2 бронзени медали и 1 сребрен медал на натпреварите по пливање со својот клуб. Кога беше помала, обожаваше да се качува на што повисоки шипки и дрвја, па дури еден краток период ја носевме на танцување на шипка – раскажува мајката.
Теодора вели дека најмногу сака да црта и да плива и дека тоа ја расположува.
– Кога ќе пораснам, сакам да бидам наставник по цртање исто како мојот наставник Петар. Сакам да бидам наставник бидејќи ќе ги учам децата како да цртаат, да знаат повеќе техники за цртање и за уште многу креативни нешта. А можеби ќе бидам и спортистка-пливачка – вели девојчето.
Раскажува и дека сака да скија, а исто така ужива гледајќи ги сите филмови со суперхерои од „Марвел“.
– Сакам да пливам, на пливање се дружам со моите другари-пливачи, постојано ги подобрувам техниката и брзината во пливањето. патуваме низ градови и држави, а заедно одиме на подготовки за претстојните натпревари. Сакам и да го поминувам времето со моите најдобри другари Лола, Ивана, Антонија, Љупка, Лина и Теодора. Правиме експерименти, особено со слајм, возиме велосипеди и тротинети, си јадеме сладолед… вели Теодора.
Нејзините родители сметаат дека дисциплината, упорноста, работата и почитта кон постарите и кон врсниците се едни од најважните нешта за развој на здрави и среќни деца.
– При воспитувањето, мене и на мојот сопруг ни е најважно да им бидеме пример и модел на нашите деца. Сите принципи и вредности на кои ги учиме сметам дека треба и ние да ги поседуваме за децата да ги прифатат. Мотивацијата е она што нè придвижува и секогаш ги учиме да целат повисоко, да веруваат во себе и да бидат истрајни во своите желби и цели – вели Персида.
912