Игротека

„Успеав да испијам топло кафе!“

Пиењето топло кафе често е научна фантастика за мајките, но една мајка се пофалила на социјалните мрежи дека успеала во невозможната мисија. Ова е нејзината приказна:

„Секое утро се будам рано, додека надвор сè уште е мрак и светот околу мене е уште тивок. Ги игнорирам сигналите кои телото ми ги праќа – дека сè уште е изморено и дека му е потребен сон, бидејќи повеќе од сè сакам да уживам во тишината и да издвојам неколку моменти само за себе, пред да настане хаос.

Така вкочанета ставам кафе да се вари и додека седам во кујната и ментално се подготвувам за уште еден долг и напорен ден со три мали деца, искрено посакувам да сркнам барем една голтка од таа прекрасна топла напивка. Да, се надевам барем на едно сркнување бидејќи кога првото дете ќе се разбуди, мојата шолја ќе биде оставена на масата да се лади, додека јас трчам да подготвам појадок, да сменам пелени и да ја ставам валкана облека во машина за перење. Истата таа шолја ќе биде отфрлена уште неколку пати во текот на утрото, за да помогнам околу миењето заби, облекувањето и смирувањето на кавгите.

Боже, што би дала да можам одвреме-навреме во мир да испијам топло кафе.

Меѓутоа, утрово беше поинаку – додека ставив лажиче свежо мелено кафе во ѓезве со топла вода и лесно мешав, застанав и внимателно набљудував како се создава пената… го вдишав мирисот на свежо меленото кафе кое ги разбуди сите мои сетила… И тогаш одлучив – ќе го испијам моето прво утринско топло кафе откако станав мајка! Облеката може да почека, но што ќе правам со појадокот ако сега се разбудат? Знам! Ова утро главен готвач е тато!

Понекогаш е потребно да си дозволите себеси пауза, а тоа никако не значи дека сме безвредни, невнимателни и мрзливи. Бидејќи мајчинството не е секогаш слатко, но грижата за себе е токму најголемиот трик на мајчинството. А и сигурна сум дека децата ќе уживаат во подготовката на „посебниот“ оброк со татко им.

Да, денес уживав во својата шолја топло кафе, од првата до последната голтка и знаете што – не чувствувам грижа на совест!

Сега заминувам во нови работни победи, а ми останува да се надевам дека сопругот некој следен ден ќе ги одведе децата во парк или на натпревар, а дека јас ќе ѝ се препуштам на магијата од попладневното уживање и ќе си подготвам шолја топло кафе.

Извор

Поврзани написи

To top