Инфекциите на уринарниот тракт се доста чести кај бебињата и се јавуваат кога бактериите влегуваат во уринарниот тракт преку уретрата, влегуваат во урината и потоа растат во мочниот меур. Меѓутоа, за родителите е тешко да го препознаат тоа кај толку мали деца, особено на самиот почеток.

Кај бебињата, симптомите на инфекција на уринарниот тракт се следните:

-првиот и најважен симптом кој укажува на овој тип инфекција е многу висока необјаснета температура
-раздразливост и многу плачење
-губење на апетитот
-повраќање
– поспаност
-слабо зголемување на телесната тежина
-крв во пелените.

Ако вашето постаро дете има инфекција на уринарниот тракт, може да има чувство на печење при мокрење или може да почувствува дека треба многу да мокри, што не е случај со бебињата.

Кај малите бебиња уринарната инфекција може да биде опасна, па затоа е важно да се направат сите потребни анализи на крв и урина, за што поскоро да се постави дијагноза и да се примени терапија. Бебињата под 3 месеци обично треба да примаат антибиотици директно во вена, што значи дека ќе бидат задржани во болница. Бебињата постари од 3 месеци обично може да се лекуваат дома со орални антибиотици.

Ако на вашето бебе му треба болничко лекување за уринарна инфекција, тоа може да биде доста вознемирувачко. Може да помогне да се знае дека повеќето бебиња брзо закрепнуваат и имаат помалку инфекции на уринарниот тракт од постарите деца.

Иако понекогаш е тешко да се избегне уринарна инфекција, хигиената на гениталиите е многу важна, особено кај девојчињата, што подразбира менување на пелените веднаш штом ќе извршат нужда, добро миење и бришење од напред кон назад.

Автор: Сандра Крстановиќ

Извор



912

X