Редовните контроли се задолжителни, меѓутоа, многу често хормонскиот дисбаланс и промените во телото можат да доведат до развој на бактерии кои потоа предизвикуваат инфекција. Послушајте ги советите од лекарите за тоа како да ја спречите, но и како да ја излекувате

Секоја инфекција што ги вклучува мочниот канал што ја пренесува урината од мочниот меур надвор од телото, мочниот меур, бубрезите или мочоводите (каналите кои ја пренесуваат урината од бубрезите до мочниот меур) се нарекува инфекција на уринарниот тракт. Оваа состојба е предизвикана од бактерија што доаѓа до уринарниот систем. За тоа како ова воспаление на мочните канали се манифестира во бременоста и како да го спречите или да го лекувате, советува лекарката Малика ван дер Шиф, специјалист по гинекологија и акушерство.

Бремените жени се многу подложни на инфекции на уринарниот тракт поради хормонски и физички промени во уринарниот тракт. Инфекциите на уринарниот тракт за 20 проценти ја комплицираат бременоста и се одговорни за 10 отсто од сите претпородилни приеми во болница.

Постојат одреден број причини за нивното настанување, вклучувајќи и раст на матката и притисок на мочниот меур. Ова резултира со нецелосно празнење, така што заостанатата урина станува извор на инфекција.
Поради високото ниво на прогестерон во текот на бременоста, според објаснувањето на доктор Шулц, мускулниот тонус на мочоводите се смалува, се забавува протокот на урина и на бактеријата ѝ дава повеќе време да се развие. Со оглед на промените во балансот на Ph-вредноста на вашиот организам, порастот на глукоза во урината е чест, а тоа ја храни бактеријата.

Опасност од инфекција на уринарниот тракт

Постојат голем број ризици за мајката и бебето, а тоа вклучува и абортус. Студиите покажале поврзаност помеѓу уринарните инфекции и абортусот, особено доколку инфекцијата не е дијагностицирана, не е лекувана навреме и на вистински начин. Инфекцијата се шири од мочни канали и гениталиите до мочниот меур и бубрезите и резултира со инфекција на бубрезите, што е сериозна компликација во бременоста. Ова го зголемува ризикот за мала тежина на бебето на породувањето или, пак, за предвремено породување, што може да биде опасно за животот на бебето.

Симптоми и лекување на воспалението на мочни канали

Првиот симптом на инфекцијата е печењето при мокрењето, кое може да се почувствува во пределот на мочниот меур или во долниот дел од грбот. Други чести симптоми вклучуваат матна, обоена мокрача, често со траги на крв, потоа тешкотии при мокрењето и пречеста потреба за мокрење. Сепак, во бременоста може да изостанат симптомите, па затоа гинекологот врши рутински прегледи на урината.

Овие инфекции бараат примена на антибиотик за уринарниот систем да се исчисти од бактеријата. Оваа терапија се препишува на три до седум дена, а симптомите ќе исчезнат веќе на половина пат од терапијата. Се разбира, лекарот ќе го препише тоа што е безбедно за употреба за време на бременоста, така што не треба да се грижите за здравјето на бебето. Доколку инфекцијата се прошири на бубрезите, ќе бидат потребни интравенозни антибиотици и веројатно хоспитализирање на бремената жена.

Доколку во кој било стадиум од вашата бременост почувствувате некој од споменатите симптоми, вклучувајќи и мокрача со променет мирис, болка во карлицата, болка во долниот дел од ’рбетот, контракции, мачнина или крв во урината, или ако повраќате, треба да се обратите кај лекар. Доколку не се присутни симптоми на инфекција, треба да ја проверите урината (или да се обратите кај друг лекар) доколку вашиот лекар не ја проверува рутински на секој преглед.

Совети како да спречите инфекција на уринарен тракт

Останете хидрирани. Голема количина вода ќе ја разреди урината и ќе ја исфрли бактеријата што би можела да настане во организмот.
Пијте сок од брусница. Доколку секојдневно консумирате сто проценти чист сок од брусница, можете да ја спречите инфекцијата. Покрај тоа, сокот е многу добар затоа што содржи витамини А и Ц.
Одржувајте ја хигиената во вагиналната регија. Испразнете го мочниот меур по сексуален однос. На тој начин ќе бидете сигурни дека сте исфрлиле потенцијални бактерии кои влегле во мочниот канал.

Избегнувајте производи за интимна нега. Тука спаѓаат дезодорансите, антисептиците и пудрите кои можат да го иритираат вагиналниот предел, но и мочниот канал, и да предизвикаат инфекција.



912

X