Унгарската влада на брачните парови им нуди заем од 30.000 евра, кој нема да мораат да го вратат ако имаат трето дете. Заемот може да го потрошат на што сакаат и истиот е без камата.

Како и многу земји во Европската унија, Унгарија се соочува со недостиг на работна сила, а работоспособното население ја напушта земјата во потрага по поголема плата. Премиерот Виктор Орбан сака да го поттикне растот на населението со демографска обнова, а не со масовни имиграции.

– 1.382.000 луѓе го пополнија прашалникот и изразија желба Унгарија да остане на Унгарците и да биде пријател на семејството – порачале од унгарската Канцеларија за меѓународна комуникација.

Унгарија,  според податоците од „Еуростат“, има помала просечна стапка на наталитет од онаа во ЕУ.

Заемот е дел од „Семеен акционен план за заштита“ на Виктор Орбан, политика од седум точки. Точките во планот вклучуваат програма за заем што поддржува купување на дом, субвенции за автомобил за големи семејства и доживотно ослободување од плаќањето данок на доход за жените кои родиле најмалку четири деца.

Паровите што го сакаат заемот мораат да исполнат неколку услови:

– Moраат да бидат во брак;
– За еден од нив мора да биде прв брак;
– Сопругата мора да има помеѓу 18 и 40 години;
– Еден од нив мора да има плаќано социјални придонеси за Унгарија 180 дена.

Ако парот или не роди дете или се разведе во рок од пет години, сето она што го позајмиле ќе мора да го врати за четири месеци. Парот се ослободува од враќање на заемот ако приложи медицинско објаснување за пречки поради кои не можеле да родат дете.

Од почнувањето на програмата од 1 јули до 15 јули, 2.400 семејства побарале заем, а 14.000 семејства искажале интерес за друг елемент од планот.



912

X