Првиот дом на бебето е постелката на мајката. Каква улога има постелката и какви проблеми со неа може да се јават во текот на бременоста?

Освен што ја чува бременоста, ги регулира хормоните, го насочува развојот на плодот и го штити детето од негативни влијанија и го снабдува со хранливи материи и кислород, постелката е одговорна и за елиминирање на отпадните материи од метаболизмот на детето (мокрачна киселина, уреа, креатинин) и јаглероден диоксид, кои ги презема мајчината крв, а потоа се излачуваат од телото преку бубрезите и белите дробови.

Иако крвните садови на постелката имаат тенок ѕид што спречува влез на штетните материи во крвта на фетусот, оваа брана не може целосно да го заштити бебето. Никотинот од цигари, алкохолот, дрогата и повеќето лекови може да стигнат до детето и да го нарушат неговиот развој. Веруваме дека не е во ничиј интерес да се изложи бебето на таков ризик. Она што бремените жени што не се придржуваат кон овие препораки честопати го забораваат е дека последиците од консумирање на овие супстанции штетни за фетусот не мора да влијаат врз бебето на очигледен и непосреден начин. Последиците може да се манифестираат кога било во неговиот живот на начин кој не можеме точно да го предвидиме, освен што за родителите тогаш е незамисливо тоа да го поврзат со бременоста.

Заштита од болести

Постелката го штити фетусот и од мајчините имунолошки реакции, што е патолошки процес кој може да предизвика застој на растот на фетусот или негова смрт.

Исто така, постелката се смета за ендокрин орган бидејќи е задолжена за производство на хормони неопходни за правилен развој на бременоста – хорионски гонадотропин, плацентарен лактоген, естроген, прогестерон и други протеини специфични за бременоста. Истовремено, овие хормони имаат задача да го подготват телото на мајката за производство на млеко и правилно функционирање на постелката.

Најчесто нарушување поврзано со постелката

Постелката може да се оштети под различни влијанија и тогаш се нарушува нејзината функција и безбедноста на детето. Некои од причините за оштетување се инфекции (кламидија, уреаплазма), разни интоксикации (на пример, никотин), хипертензија (висок притисок), дијабетес на мајката и друго.

Трите најчести аномалии на постелката:

1. Предвремено лупење на постелката (абрупција) е состојба кога постелката предвреме се одвојува од ѕидовите на матката. Симптомите што укажуваат дека можеби дошло до абрупција се крвавење и контракции. Ако крвавењето не е обилно, лекарот препорачува мирување. Во случај на големо крвавење, бремената жена ќе треба да мирува во болница. Во најтешките форми на абрупција може да се случи и прекин на бременоста, бидејќи постелката е клучна за одржување на детето во живот.

2. Лоша функција на постелката (инсуфициенција на постелката) е нарушување што означува дека постелката не ја извршува целосно својата функција и дека детето не ги добива потребните резерви на кислород и хранливи материи. Во тој случај може да настанат тешкотии во развојот на детето, а во краен случај може да биде фатално. Причини за ова нарушување може да бидат болест на мајката, лоша обезбеденост на постелката со крв, нарушување во развојот на постелката и друго.

3. Заседната постелка (плацента превија) е нарушување при кое постелката се развива во долниот дел на матката и го покрива внатрешниот канал на грлото на матката низ кој детето мора да помине во текот на породувањето. Бремената жена со вакво нарушување може околу втората половина од бременоста да страда од слабо крвавење. Со оглед на постапното отворање на каналот на грлото на матката, до крајот на бременоста може да се случи да пукне ткивото на постелката и да дојде до обилно крвавење. Постелката пречи да помине детето низ родилниот канал и тогаш породувањето мора да се заврши со царски рез.

Извор



912

X