Податоците добиени од Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина во Скопје укажуваaт дека од година на година бројот на пациенти со одредени заболувања на тироидната жлезда расте. Така, ако во 2017 година биле дијагностицирани 18.215 пациенти, овој број во 2018 година пораснал на 19.201 пациент, што е за 5% повеќе. Најмногу пациенти биле дијагностицирани со хипотироидизам, вели д-р Елизабета Костовска-Прилепчанска, специјалист по семејна медицина и секретар во Здружението на лекари по општа медицина – семејна медицина, нагласувајќи дека матичните – семејните лекари кои ги познаваат своите пациенти, нивниот стил на живот, начинот на исхрана, семејните болести, можат многу полесно да ги предочат сите моменти што укажуваат на одредени здравствени тешкотии, доследно и адекватно да ги третираат.

Под покровителство на вашето Здружение на лекари по општа медицина – семејна медицина, во изминатиов месец се спроведе кампањата „Многуте лица на тироидната жлезда – Аларм за свест“. Станува збор за глобална кампања на германската фармацевтска компанија „Мерк“, која оваа водечката научна и технолошка компанија секоја година ја спроведува во соработка со Меѓународната тироидна федерација (TFI). Можете ли да направите краток осврт на кампањата и подетално да објасните која беше нејзината цел?

– И оваа година Здружението на лекари по општа и семејна медицина – ЗЛОМ СМ активно ја одбележа неделата посветена на тироидната жлезда. Бевме покровители на кампањата на „Мерк“, која се реализира во неколку фази и со различни активности, а со цел да се подигне свеста кај пациентите за симптоматологијата на нарушувањата на тироидната жлезда, кои за жал се атипични и можат да се препишат и на други здравствени состојби. На 11 мај во Градскиот парк заедно со вработените на компанијата „Варус“, застапништво „Мерк“, делевме летоци на кои многу сликовито беа опишани сите лица на тироидеата и дававме совети за можните проблеми на граѓаните и дали тие треба понатаму да се доиследуваат и лекуваат. Учествувавме во неколку телевизиски емисии каде што заедно со колегите од Клиниката за ендокринологија и Институтот за патофизиологија се осврнавме на симптомите, дијагностиката и лекувањето на заболувањата на тироидеата, а оваа недела активностите се реализираат и во нашите ординации каде што имаме можност преку директна телефонска линија да се консултираме со колегите од Институтот за патофизиологија за конкретните проблеми на нашите пациенти поврзани со терапијата, лабораториските резултати или други дилеми поврзани со дијагнозата.

Кои се најчестите заболувања на тироидната жлезда и нивните симптоми? Како пациентите да ги препознаат симптомите, имајќи го предвид фактот дека многу од знаците и симптомите можат да се поврзат и со друго заболување во организмот?

– И самото име на кампањата „Многуте лица на тироидната жлезда“ укажува на повеќе заболувања на оваа жлезда. Најчести се хипертироидизам и хипотироидизам. Во првиот случај станува збор за
прекумерно лачење на тироидната жлезда, а најчесто се манифестира со забрзан пулс, забрзана перисталтика на цревата, зголемено потење, губиток на тежина, нервоза, слабост во мускулатурата, кршлива коса, влажна кожа. При хипотироидизмот постои намалено лачење на хормоните на тироидеата кои предизвикуваат забавен метаболизам, замор, зиморливост, зголемена телесна тежина, депресија, сува и бледа кожа, нарушување на менструалниот циклус кај жената. Постојат и автоимуни заболувања како што се Гравесовата болест и Хашимото тироидитис кога доаѓа до зголемено, односно намалено лачење на тироидните хормони под дејство на погрешните информации кои ги праќа имунолошкиот систем на организмот. Тука е и тироидната гушавост, која во најголем процент е асимптоматска, но може да даде кашлица, засипнатост, тешкотии со голтањето и ретко може да биде знак и за канцерогена состојба. И на крај би го споменале вродениот хипотироидизам заради недостиг на жлездата, односно нејзина неактивност заради што и се спроведува скрининг кај новородените соземање на крв од петата за навреме да се дијагностицира оваа состојба и да се отпочне со терапија.

Колку е значајна улогата на општиот лекар и лекарите по семејна медицина во рано дијагностицирање на болестите на тироидната жлезда?

– Улогата на матичниот – семејниот доктор е исклучително значајна во раната дијагноза и понатамошниот третман на заболувањата на тироидната жлезда. Многу често пациентите овие симптоми ги препишуваат на хроничниот стрес или замор и не придаваат значење на долготрајноста и интензитетот на истите. Нашиот мултидисциплинарен пристап, како и познавањето на нашите пациенти, нивниот стил на живот, начинот на исхрана, семејните болести, коморбидитетите, ни овозможува многу полесно да ги предочиме сите моменти што укажуваат на одредени здравствени тешкотии и истите да ги доиследиме и адекватно да ги третираме.

Можете ли да споделите некои статистики, колку пациенти во Македонија имаат нарушувања на тироидна жлезда?

– Со оглед на фактот дека постојат многу фактори што придонесуваат за појава на тироидни заболувања, како животниот стил со многу стресови, неадекватна исхрана, изложеност на зрачења и загаденост, како и фамилијарната анамнеза, се претпоставува дека бројот на лицата со тироидни заболувања е висок. Податоците добиени од Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина во Скопје укажуваат дека од година на година бројот на пациенти со одредени заболувања на тироидната жлезда расте. Така, ако во 2017 година биле дијагностицирани 18.215 пациенти, овој број во 2018 година пораснал на 19.201 пациент, што е за 5% повеќе. Најмногу пациенти биле дијагностицирани со хипотироидизам.

Кажете ни нешто повеќе за вашето здружение и активностите што тоа ги реализира…

– Здружението на лекари по општа и семејна медицина е најстарото здружение од ваков тип, кое опстојува и работи повеќе од 70 години во рамките на Македонското лекарско друштво. Наша примарна цел е континуираната медицинска едукација на докторите и во тој контекст организираме многубројни предавања, работилници, семинари, симпозиуми, а со наши трудови учесници сме и на вакви меѓународни манифестации. Постојано работиме на промоција на здрави навики, превенција на акутни и хронични заболувања и едукација на нашите пациенти со единствена цел – да го зачуваме здравјето и да обезбедиме подолг и поквалитетен живот на сите наши пациенти.

(Комерцијална објава)



912

X