„Фејсбук“ вели дека апликацијата „Месинџер кидс“ била развиена со помош на експерти за безбедност на интернет
Повеќе од 21.000 застапници за здравјето на децата поднесоа петиција до извршниот директор на „Фејсбук“, Марк Закерберг, за повлекување на апликацијата „Месинџер кидс“, наменета за деца под 13 години, предупредувајќи на зависноста од социјалните медиуми.
Во отвореното писмо и петицијата предводена од две групи, „Кампања за детство ослободено од комерција“ и „Мамс рајзинг“, активистите побараа од Закерберг да го искористи својот огромен дострел и влијание за промовирање на благосостојбата на децата.
Фото: https://messengerkids.com
Децата треба да го искусат физичкиот свет
– Ве молиме, не таргетирајте ги децата. Истражувањата покажуваат дека прекумерната употреба на социјалните медиуми веќе им штети на адолесцентите и на тинејџерите. Помалите деца се уште помалку опремени да се справат со меѓучовечките предизвици и зависната моќ на социјалните медиуми. На децата им се потребни време и простор да го искусат физичкиот свет и да развијат здрави односи лице в лице – пишува во писмото.
Меѓу 21.000 потписници се едукатори, здравствени работници, родители и старатели. Кампањата вели дека ова се луѓето што секојдневно ги гледаат влијанијата на технологијата и социјалните медиуми врз децата и дека се вознемирени поради влијанијата на технологијата и социјалните медиуми врз благосостојбата на децата и семејствата.
Апликацијата „Месинџер кидс“ беше лансирана во декември со строги родителски контроли вклучувајќи одобренија за контакт и безбедносни филтри за да се спречат децата да споделуваат несоодветен материјал. „Фејсбук“ вели дека податоците собрани од апликацијата нема да се користат за рекламни цели и апликацијата нема реклами.
– Штетата е реална. Трката да се задржи вниманието на децата ги учи да ја заменат својата самодоверба со лајкови, споредба со другите и создава постојана илузија за пропуштање – вели Михе Рерник, еден од потписниците на петицијата кој работи како педијатар во Њујорк.
– Социјалните медиуми веќе го оштетуваат емоционалниот/социјалниот раст на децата. Не намалувајте ја возраста на помали деца што веќе немаат когнитивна зрелост да ги разликуваат социјалните пораки – порачува Џејми Грин, психолог од Њујорк.
Милион деца имаат фејсбук-профил без дозвола од родителите
„Фејсбук“ вели дека апликацијата „Месинџер кидс“ била развиена со помош на експерти за безбедност на интернет и е целосно во рамките на Законот за приватност и заштита на деца на интернет во Америка.
Милион деца имаат фејсбук-профил со или без дозвола на нивните родители, и покрај условите на социјалната мрежа што ги спречува оние под 13 години да имаат профили. Некои родители сметаат дека апликацијата „Месинџер кидс“ е прагматичен пристап за оние под 13 години.
Портпаролот на „Фејсбук“ изјави дека апликацијата била изградена со помош на семејствата, експерти за безбедност и застапници за развој на децата.
– Ова е причината зошто илјадници семејства од Америка ја користат апликацијата, каде што родителите имаат целосна контрола над контактите, над нивното време и нема реклами или купувања во самата апликација. Ќе продолжиме да работиме за да ја направиме апликацијата подобра за семејствата, а ја цениме нивната повратна информација – изјави портпаролот.