Некои учители ни остануваат во убаво и топло сеќавање бидејќи со нив училиштето и учењето биле полни со разбирање и радост, а на учениците од едно основно училиште од Риека, Хрватска, училишните денови им ги разубавила учителката во продолжената настава која им подготвила посебен подарок – писмо и покрај него пакет за „прва помош“.

Писмото на учителката, која сакала да остане анонимна, на „Фејсбук“ го објавила мајката на една ученичка со зборовите „На сите ви посакувам ваков подарок“.

„Драга моја ученичке!

На почетокот од оваа нова учебна година сакам да ти честитам бидејќи стана ученичка во трето одделение! А тоа, сите знаеме, не е мала работа! Потребни беа многу труд и напор за да се дојде до трето одделение: од оние почетни нејаснотии околу пишувањето броеви и букви, преку таблицата за множење и делење, па сè до учењето сè и сешто од природа и општество…

Сега си тука. Во трето одделение. На самиот почеток со ова писмо ти подарувам и неколку работи за кои сметам дека ќе ти требаат во новата учебна година.

– Чепкалка – за да ти дадам до знаење на патот кон четвртото одделение да го собереш сето добро, дури и најмалата ситница што ќе ја уочиш кај своите пријатели и да ја понесеш со себе во животот.
– Фластер – сакам да ти порачам дека сум секогаш тука да ти помогнам.
– Растеглива гума – сите мораме малку да се „растегнеме“ и да се приспособиме едни на други.- Чоколада – кога ќе се измориш, слободно направи пауза и изеди чоколадо.
– Гума – сакам да ти порачам дека сум свесна дека сите грешиме и дека тоа е во ред бидејќи грешките можеме да ги избришеме, поправиме.
– Марамче – можеби ќе мораме да избришеме и понекоја солза во оваа учебна година.
– Бисери – сакам да ти порачам дека за мене си вредна и посебна како бисер.

Се надевам дека овој прибор за „прва помош“ во трето одделение секогаш ќе биде во близина и дека заедно со пораките што ги носиш со себе, добро ќе го искористиш.
Добре дојде во трето одделение!

Твојата учителка“.



912

X