Секој родител сака детето да му се забавува на сопствениот роденден, особено во текот на пандемијата, но една мајка останала шокирана од барањето од училиштето на нејзиниот син. Збунета од необичното барање, совет побарала на „Редит“.

Како што објаснила, на својот син му дозволила на роденденот да повика пет другарчиња. Бидејќи живеат во мал стан, немаат место за големи прослави. Поканите им биле испратени на родителите на децата преку социјалните мрежи и изгледало како да е сè во ред. Како што се приближувал роденденот, синот на авторката на објавата и неговите пријатели не можеле да го сокријат воодушевувањето, па за прославата зборувале и во текот на наставата, а сето тоа го чула и нивната учителка. Тоа наводно ја поттикнало учителката да ѝ испрати е-пошта на мајката и да ѝ објасни дека училиштето има правило за такви забави. Објаснила дека другите деца би можеле да се чувствуваат изоставени и дека на родендените задолжително се повикува целото одделение.

Мајката била шокирана и ѝ одговорила на учителката дека никогаш не слушнала за такво правило, но и дека не може да угости 25 деца во својот стан. Но, учителката ѝ предложила, во тој случај, веселбата да се пресели во паркот во близина. Дури и кога мајката истакнала дека не може да си дозволи храна за толку деца, а и не би можела да внимава на сите нив, како и дека нејзиниот син не бил повикуван на сите роденденски забави од децата, учителката немала разбирање. Ѝ рекла дека тоа е правилото, дури и ако другите родители можеби некогаш го заобиколиле нејзиниот син, и ако утредента не донесе покани за другите деца, нејзиниот син ќе сноси последици.

Мајката тогаш решила да ги земе работите во свои раце. Наместо да се соочи со учителката и да донесе покани, не го испратила синот на училиште и го одвела на излет – почестувајќи го и со ран роденденски подарок. Многу корисници на „Редит“ застанале во нејзина одбрана, но истакнале и дека никогаш не слушнале за такви правила во училиштата. Еден корисник напишал: „Како училиштето може да диктира кого ќе повикате во својот дом?“

Извор



912

X