Во оваа состојба на криза не треба да забораваме дека сите ние сме изложени на стрес, а како педагози треба да бидеме особено внимателни во задавањето на домашните задачи и обемот на активностите. Да не заборавиме дека најважно од сѐ е здравјето, чувството на сигурност, спокој и среќа кај децата, а и кај сите нас, вели наставничката Маја Георгиева-Павловски од ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ од Аеродром

Префрлањето на образовниот процес од дома и преку учење од далечина за некои училишта и наставници предизвика бура од новини, нејаснотии, збунетост од непознатото. Едни побрзо, други побавно се приспособија во изминатиот месец откако се прекина воспитно-образовниот процес.
Додека едни училишта или наставници одбраа или можат исклучиво да праќаат материјали, учениците со помош на родителите да ги сработуваат, па да ги вратат назад, без притоа да се има поголема комуникација наставник-ученик, има и такви примери каде што онлајн навистина значи реализација на наставата со поголема комуникација.

Ви издвојуваме неколку позитивни примери на реализирање на онлајн-настава во училишта во земјава. Едно од нив е и ОУ „11 Октомври“ во Скопје, каде што процесот на учење од далечина се одвива без поголеми тешкотии, вели директорката Даница Блажеска.

Даница Блажеска

– Наставниот кадар во секој дел од денот им стои на располагање на своите ученици во учењето. Јас се радувам што родителите ја препознаа оваа заложба на наставниците, оти само така ќе успееме да излеземе од оваа состојба побогати со знаења и ново искуство – вели Блажеска.

Преку „Зум“ учениците го прославија 1 Април, слават родендени

Едмодо, Зум, Гугл класрум се дел од платформите што се користат во наставата. Во одделенска настава се работи на ниво на активи, а освен платформите се користат и блогови на кои наставниците на дневно ниво ги внесуваат содржините, задачите и активностите што треба да бидат реализирани.

– Завршените задачи се враќаат кај наставниците преку е-пошта, во одредени ситуации се интервенира и преку „Вајбер“. Најголемо задоволство за учениците претставува користењето на Зум и Гугл класрум, за што мора да им се заблагодариме на родителите што ги предложија. На сесиите учениците и наставниците се вклучуваат во живо, им пуштаат презентации, квизови, линкови, соодветни за содржината што се разработува, дискутираат и стекнуваат нови знаења. Тука не станува збор за класичен час со траење од 40 мин. На овој начин учениците учат, се гледаат секојдневно, го прославија Денот на шегата и прославуваат родендени на свои другарчиња – објаснува Блажеска.

За предметната настава се даваат неделни задолженија, презентации, линкови, а воспоставуваат и директен контакт со видео и аудио на „Зум“ во време што претходно ќе биде договорено, зашто секое семејство има ограничени технички ресурси, кои периодов им требаат на сите. Блажеска додава дека во целиот процес им помагаат и: Е-училница на МТВ, Едуино, националната платформа за учење, како и ЏетМајнд – првата македонска дигитална образовна платформа која помага да се совладаат математичките проблеми.

На пауза заедно јадеме овошје

Одделенската наставничка Маја Георгиева-Павловски од ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром ни објаснува дека по два-три часа дневно се заедно онлајн со учениците. Понекогаш остануваат и подолго, кога сакаат учениците и има потреба, со оглед на тоа дека предава на 31 ученик. Кај нив наставата ја реализираат преку Гугл класрум.

Маја Георгиева-Павловски

– Покрај планираните наставни содржини, често вметнувам едукативни работилници што опфаќаат разни теми (емоции, емпатија, солидарност, мотивација), како и работилници од забавен карактер. Многу драги ни се секојдневните заеднички паузи кои ги користиме за јадење овошје и разговор на теми кои ги избираат самите ученици. Секојдневно добивам позитивни коментари и од родителите. Реалноста е дека онлајн-наставата е нов предизвик, кој од наставникот бара пронаоѓање и вметнување нови начини за комуникација кои ќе овозможат подобар ефект во совладување на секоја наставна содржина, подолго време во подготовката за работниот дел од денот, но сум задоволна од начинот на функционирање, од активноста, посветеноста и исполнителноста на учениците, секако и од поддршката од родителите – вели Георгиева-Павловски.

Денот на здравјето учениците го одбележаа со свои овошни изработки

Таа гледа и друга позитивна страна на онлајн-наставата, а тоа е можноста да се организира работниот ден, а и дел од денот на учениците, па со тоа да се оттргнат мислите од моменталната состојба.

– Ученици велат дека со нетрпение го очекуваат секој следен ден и активност, не само поради стекнување нови знаења, туку поради чувството на близина, на некој начин сите сме повторно заедно. Целосно ги сфаќам бидејќи тоа се деца, во оваа кризна состојба им недостигаат прошетките, другарувањето, училницата, насмевка и пофалба за секој даден одговор од страна на наставникот. Во оваа состојба на криза не треба да забораваме дека сите ние сме изложени на стрес, а како педагози треба да бидеме особено внимателни во задавањето на домашните задачи и обемот на активностите. Да не заборавиме дека најважно од сѐ е здравјето, чувството на сигурност, спокој и среќа кај децата, а и кај сите нас – завршува наставничката.

Товар: неделни извештаи, е-дневник, заверка на отсуства…

Освен веќе споменатите платформи, наставниците во ОУ „Св. Климент Охридски“ во Прилеп ги користат и Мајкрософт тимс, а група наставници од ова училиште дава и свој придонес за изработка на видеа за Едуино, вели наставничката по математика Моника Јанкулоски. Таа објаснува дека преминот во онлајн-училница секако не е едноставен и е исполнет со предизвици.

– Но, со секој нареден час секој од нас станува сѐ повешт. На почетокот нашите онлајн-училници беа отворени за сите наставници, кои учествуваа како гости со цел да споделиме и да учиме едни од други. Според посетеноста на секој час, која е околу 90%, учениците многу полесно ја прифатија промената од нас, наставниците – вели Јанкулоски.
Можеби периодов треба да се поднамали административната работа на наставниците, со оглед на тоа и дека е-дневникот многу често не работи.

Моника Јанкулоски

– Оценувањето ќе биде непотребно во оваа ситуација. Нема да ја даде реалната слика за знаењето на учениците. Исто така, дополнителен товар за нас, наставниците, се неделните извештаи кои ако се користи одредена платформа се непотребни. Е-дневникот е ретко функционален, па се продолжува времето за негово потполнување. Како проблем се појавува и отсуството на онлајн-часовите и дали тоа треба да биде заведено во истиот – посочува Јанкулоски.

Предметните наставници имаат и по 200 ученици

Околу еден месец наставата во училиштето „Кочо Рацин“ во Скопје се одвива онлајн преку Едмодо и тоа уште пред МОН да донесе одлука за задолжително реализирање за далечинско учење. Наставничката по географија во ова школо, Марина Гроздановска, вели дека не е лесно преку ноќ образованието од традиционално да стане целосно онлајн.

– Особено сум горда на моите колеги кои вложуваат огромни напори да го задржат вниманието на учениците и да им помогнат да ги совладаат предвидените наставни цели. За само ден-два речиси сите наставници формираа свои дигитални училници. Јас предавам географија и онлајн-настава е можна за мојот предмет. Мене и не ми беше многу тешко бидејќи и претходно на часовите редовно користевме пауерпоинт-презентации, видеа од nationalgeographic.com, Google Earth, електронски карти на purposegames.com, educaplay.com, kahoot и сл. Сето тоа и сега го користам, но приспособено. На пример, на часовите во училиштето усно поттикнувам дискусија, a сега презентацијата мора да биде поинаква, поинтерактивна, за самите ученици да бидат поттикнати да истражуваат и да размислуваат, самостојно во својот дом. Значително помагаат и видеочасовите кои се објавени од страна на МОН на eduino.gov.mk – вели таа.

Марина Гроздановска

Според неа, при далечинското учење важно е да се задржи двонасочна комуникација со учениците.

Учениците брзо се приспособуваат

– За мене тоа е потешкиот дел. Да се следат сите повратни материјали и информации што стигнуваат од учениците. Затоа и Edmodo е добра алатка, бидејќи тука и учениците може да ја следат нашата работа, а наставниците имаат увид во нивната активност и прогрес. Секако, на крајот наставникот е тој што треба да седне пред компјутерот и активно да посвети внимание на сработеното од секој ученик, а потоа и да го информира. Да не заборавиме, предметните наставници имаат над 200 ученици, и тоа не е мал број – вели таа.

Гроздановска споделува задоволство дека учениците брзо се приспособуваат.

– Тие се сепак она што се нарекува digital natives (дигитални домородци) и ним им доаѓа природно. Така, секојдневно стануваат сѐ подобри во совладување на наставните цели во вакви услови, со „учење од дома“. Сепак, според мене, ништо не може целосно да ја замени директната, лице в лице, комуникација меѓу наставникот и ученикот. Не само за тоа колку е совладан материјалот, туку и воспитната улога што ја има наставникот во образованието на децата – вели Гроздановска.

Таа додава дека ова искуство треба да се искористи и во иднина да се има комбинирана настава – традиционална и онлајн, за образованието да биде на повисоко ниво.



912

X