Проф. Горица Поповска-Налевска, доктор по педагошки науки

Проф. Горица Поповска-Налевска, доктор по педагошки науки

Повеќе од авторот

Нема едноставен одговор на прашањето како најдобро да се научи детето да чита и пишува. Без разлика дали се обидувате да го научите детето да чита од почеток или сакате да му помогнете да го подобри читањето, иако можеби ви изгледа лесно и природно, читањето е всушност сложен процес што не се случува сам по себе

Секој родител е возбуден кога неговото дете тргнува во прво одделение. Родителите се загрижени дали и како детето ќе се адаптира во новата средина и дали ќе ги совлада сите училишни обврски. Дополнителен стрес за децата и за родителите е што оваа учебна година се наоѓаме во сериозна здравствена криза која има свои импликации и врз планирањето и квалитетот на реализација на наставата и училишните обврски. Со почетокот на училиштето детето добива многу нови одговорности и важно е да му помогнете да се организира, да усвои работни навики и да стане што е можно понезависно. Во овој процес многу е важно да му се помогне да научи како да го испланира своето време (кога да учи и како да ги распоредува задачите) и како активно да учи, без одложување и избегнување на задачите.

За секое дете во првите одделенија, учењето на читањето и пишувањето е еден од најголемите предизвици. Она што родителите треба да го знаат е дека пред поаѓање во прво одделение децата не мора да знаат да читаат и пишуваат. Сепак, сведоци сме, од една страна, дека некои деца ја совладуваат оваа вештина пред да одат на училиште, додека спротивно, многу деца имаат проблеми со читањето дури и по одење на училиште.

За да може детето успешно да го започне своето образование во прво одделение, потребно е навреме да се почне со усвојувањето на вештините за претчитање, од што подоцна многу ќе зависат брзината и успехот на читање и пишување кај детето.

Ова се неколку говорно-јазични игри што развиваат претчитачки вештини:

• Бројалки и песни
• Опишување слики, прераскажување настани или приказни
• Слушно разликување на долгите зборови од кратките (диносаурус – лав; стоматолог-заб)
• Препознавање и сложување зборови што се римуваат (птица-жица, маса-каса)
• Препознавање на почетниот глас во зборот (М арија)
• Раздвојување на зборовите на слогови (маса – м-а-с-а)
• Спојување на гласовите во зборови (ш-у-м-а- шума).

Обрнете внимание на начинот на држење на моливот уште во фазата на чкртање/шарање. Помеѓу петтата и шестата година кај децата се јавува динамичниот трипод. Ова држење е уште наречено зрело држење на моливот. Во овој период карактеристично е детето да го држи моливот со врвовите од трите прсти, раката треба да е целосно потпрена врз површината, движењето на моливот да е со помош на прстите и помалку со рачниот зглоб. Палецот и показалецот треба да го држат моливот и да овозможуваат движење напред-назад, а средниот прст да ја контролира исправеноста на моливот.

Неколку корисни совети што го помагаат правилното држење на моливот:

– Дајте му топче во раката со која пишува така што малиот и домалиот прст да бидат зафатени со држењето на топчето, а тоа ќе го принуди детето правилно да го држи моливот со останатите прсти;
– Новото не е секогаш подобро: дајте му на детето стари, истрошени восочни боички што нема да може да ги земе на друг начин освен со три прста;
– Оставете го вашето дете само да излупи портокали или мандарини, така ќе го вежба фаќањето мали предмети, но и мускулите на прстите при лупењето на кората.

Не брзајте со детето и бидете трпеливи. Секое дете е индивидуа за себе и потребно му е време да научи да чита и пишува. На дете му треба многу напор, волја и ментален напор за читање и пишување. Бидете му поддршка на вашето дете во процесот на почетното описменување.

Ова се неколку совети за поттикнување на графомоторичките вештини важни за пишувањето:

– Имитирање потези за пишување по големи површини (на пр., песок)
– Игри со сечење и лепење
– Игри со пластелин и тесто
– Редење сложувалки
– Испишување лавиринти, спојување на точки и довршување на цртежи
– Нижење бисерчиња, петлици и сл.

Не брзајте со детето и бидете трпеливи. Секое дете е индивидуа за себе и потребно му е време да научи да чита и пишува. На дете му треба многу напор, волја и ментален напор за читање и пишување. Бидете му поддршка на вашето дете во процесот на почетното описменување. Откако ќе ги совлада претчитачките вештини, покрај описменувањето од страна на наставниците во училиште, треба да практикувате ефикасни вежби за почетно читање и пишување дома:

– Читање наглас: прочитајте приказни или песни наглас користејќи различни тонови и експресија. На овој начин вашето дете полека ќе научи како да чита со соодветна брзина, да посочува и да разбира делови од текстот.

– Читање римувани песни и зборови: овие песни не се само за забава, туку му овозможуваат на детето да препознава гласови и се учи да чита на слогови.

– Украсување на просторот во домот со картички со напишани зборови (на пр., нека напише картичка на која од едната страна пишува влези, а од другата не влегувај во собата и нека ја стави на вратата од собата, на овој начин детето ќе учи и за јавен и приватен простор; може да црта, лепи и сл. и да го именува нацртаното…)

– Користење современа технологија: нашите деца растат во 21 век и за да ги мотивирате да истраат во учењето, треба да вклучите ресурси што тие ги сакаат и ги разбираат. Може да играте едукативни компјутерски игра (бесилка, составување зборови од букви или друга игра создадена за учење на читањето на рана возраст).

– Читање и цртање: дајте им задача да нацртаат некоја сцена од омилена сликовница или лик од приказна што сте ја читале. Потоа може да напишат и зборови за она што го нацртале.

– Кутија со нови зборови: заедно изработете декоративна кутија во која детето ќе става картички на кои ќе напише нов збор и може да го претстави и со слика. По одреден период (може секоја недела) треба да ја отвори кутијата и да ги пронаоѓа ново научените зборови.

– Подгответе плика во кои ќе ставите картички со букви. Кога буквите од пликот ќе се наместат во точен редослед, тие ќе претставуваат еден збор. (на пр., во пликот ќе имате 4 картички на кои ќе ги имате буквите „Л“, „К“, „У“ и „Ч“. Ученикот ќе треба да ги подреди буквите и да го добие зборот „клуч“.)

– Она што особено ќе го мотивира детето е чувството на успех. Еден начин да му помогнете е соодветно да го наградите по секоја вежба или достигнување. Друг начин е да го снимите детето како чита еден пасус на почетокот на вежбата и потоа да го чита истиот по неколку повторувања. Разликата помеѓу двете читања ќе биде огромна, а тоа ќе му даде на детето чувство на задоволство и ќе му даде мотив да продолжи.

– Редовно комуницирајте со наставникот на детето. Квалитетната врска помеѓу наставниците и родителите е клучна за успехот на детето во основното училиште. Добрите училишта негуваат партнерство со родителите и ги вклучуваат во донесувањето важни одлуки за образованието на детето. Наставникот може да ви каже на кое ниво чита детето, дали напредува со соодветно темпо и може да ви даде предлози за тоа на што да работите дома за да го забрзате неговиот напредок.

Едно е сигурно, а тоа е дека нема едноставен одговор на прашањето како најдобро да се научи детето да чита и пишува. Без разлика дали се обидувате да го научите детето да чита од почеток или сакате да му помогнете да го подобри читањето, иако можеби ви изгледа лесно и природно, читањето е всушност сложен процес што не се случува сам по себе.

И за крај, уживајте во процесот. Многу е важно да не му создавате дополнителен стрес на детето кога учи да чита и пишува. Сигурно ќе ја совлада оваа вештина на училиште преку работа со стручен наставнички кадар и ваша поддршка.

Среќен и успешен почеток на учебната година!



912

X