Воспитување

Цуцлата не е решение кога не знаете што да правите со бебето – на што да се внимава?

Кога ќе ја споменеме цуцлата, често единствената дилема што ја имаме е дали да го навикнеме детето на неа или не. Но, ако се одлучиме за користење цуцла, постојат некои ситници на кои треба да се обрне внимание, а тука спаѓа одржувањето на хигиената и колку често треба да се менува цуцлата. Еве ги одговорите:

Колку може да биде силно загризувањето на бебето до една година, најдобро знаат мајките што дојат. Колкави се тогаш шансите детето, особено во фаза на никнување на запчињата, да ја загризе и да ја оштети цуцлата. Оштетената цуцла, поради пукнатините во кои се вовлекуваат плунка и честички прав, насобрана влага и слично, е легло на различни бактерии. Затоа, важно е редовно да се следи состојбата на цуцлата и да се фрли ако е оштетена. Тестот е брз и краток, а потребни се само неколку секунди да се повлече цуцлата во повеќе насоки и да се погледне дали има некакви оштетувања. Ако има промени во бојата, дупки или пукнатини, лепливи делови – веднаш фрлете ја.

Колку често треба да ја менувате цуцлата?

Тоа би требало да го правите на секои 1-2 месеци. Меѓутоа, мајките го прават тоа поретко, во моментот кога цуцлата изгледа како да треба да се промени. Ако не е време за промена, треба редовно да ја прегледувате и да ја стерилизирате. Цуцлата стерилизирајте ја неколку пати дневно вриејќи ја во вода околу 5 минути, па оставете ја 5 минути да се излади, или во микробранова. Внимавајте да не ја оставите цуцлата блиску до извор на топлина подолго време или во течност за стерилизација подолго од препорачаното бидејќи тоа е сигурен начин материјалот од кој е направена да ослабне и да биде поподложна на оштетување.

9 правила за користење цуцла:

-Никогаш не употребувајте ја цуцлата за да го ублажите гладот на детето или како замена за вашето внимание. Понудете ја помеѓу оброци кога знаете дека детето не е гладно.
-Никогаш не врзувајте му ја цуцлата на детето околу врат или за креветчето бидејќи постои опасност да се задуши со врвката.
-Пред првата употреба стерилизирајте ја така што ќе ја зовриете во вода. Внимавајте да биде целосно изладена пред да му ја дадете на детето. Често мијте ја со топла вода.
-Водете сметка за тоа да нема пукнатини. Некогаш родителите му даваат цуцла на детето откако му дале лек (антибиотик, витамини), но некои од тие лекови може да го оштетат материјалот од кој е изработена цуцлата.
-Менувајте ја цуцлата на секои 2 месеца;
-Никогаш не потопувајте ја во шеќер или во мед бидејќи може да им наштети на детските запчиња.
-Не дозволувајте постарото дете да ползи или да оди цел ден со цуцлата в уста бидејќи тоа може да му наштети на развојот на говорот и да предизвика проблеми со забите.
-Бебето што потешко добива тежина и послабо напредува, не би смеело да употребува цуцла.
-Ако детето има чести воспаленија на ушите, избегнувајте да му давате цуцла.

Автор: Сања Маташиќ

Извор

Поврзани написи

To top