Ирската илустраторка и мајка Ема, на социјалните мрежи позната под псевдонимот „This mama doodles“, неодамна нацртала емотивна илустрација која брзо станала вирална. Во неа таа ја нагласува важноста на искрените женски пријателства, особено во моментите кога жените ја добиваат една од најубавите, но и најтешките улоги во животот – улогата на мајка.

Поддршката што ја добила од нејзините пријатели ја олеснила оваа „катаклизмична промена на животот“ за илустраторката Ема, иако се соочила со многу тешки моменти на патот кон мајчинството.

Цртежот крие многу скриени и моќни пораки. На него има мајка која нема време да ги избричи нозете, сѐ уште крвави од породувањето, седи топлес додека го дои бебето, до неа има пумпа за гради, а од другата страна е пријателката која ја гледа со поглед полн со љубов. Само таа била тука за неа. Таа знае колку тешки можат да бидат тие први денови. Објавата за рекордно време собра илјадници коментари од жени кои ги означувале своите пријателки и им давале до знаење колку се благодарни што ги имаат во нивните животи.

Авторката објаснила во описот дека цртежот е инспириран од убавината, силата и издржливоста на женските пријателства.

„Цртежот е создаден во чест на сите пријателки низ светот кои се појавиле кога биле најпотребни“, напишала Ема и додала дека кога станала мајка, изгубила контакт со некои пријатели, но дека искрените, вистински пријатели биле секогаш таму кога ѝ требале. „Без разлика дали липтав од болка додека доев или ја сликав раната од царски рез или бркав олимписки „лазач“ во дневната соба, моите прекрасни пријателки седеа до мене, се смееја со мене и се појавуваа секогаш кога ми требаше. Немаа волшебен лек за лошите денови, ниту одговори на моите прашања за мајчинството, но седеа до мене, ме слушаа кога плачев, се радуваа со мене кога моето дете напредуваше и ми го понудија толку потребното бегство, во форма на нивната приказна од нивните сопствени животи. Отсекогаш сум се восхитувала на силата и издржливоста на женските пријателства. Им благодарам на најубавите пријателки што беа тука за мене во најтемните и најсветлите моменти во изминатите неколку години“, напишала Ема.

Овој цртеж е само потсетник на убавината и силата на пријателството. Сите ние треба колективно да им се заблагодариме на нашите пријатели за сета поддршка што ни ја дале, а за возврат можеме да ги поддржиме новите мајки околу нас кои влегуваат во сосема ново поглавје во нивните животи.

Автор: Ана Хлача

Извор



912

X