Министерката вели дека не може да има квалитет без мотивирани наставници

Министерката за образование и наука Мила Царовска го презентира проектираниот буџет за образовниот ресор за 2021 година. За сите нивоа на образование – основно, средно, високо, предвидено е да се потрошат 23 милијарди и 100 милиони денари од државниот буџет.

Царовска кажа дека цел ѝ е да создаде образование кое ќе му овозможи на секое дете да го исполни својот полн потенцијал.

– Целта е да создадеме систем кој со гордост ќе им го оставиме на идните генерации, кои треба да го носат ова општество напред. Се соочуваме со обврската, но и одговорноста да создадеме нови можности. Затоа буџетот е формиран во насока на промени. Една милијарда денари ќе се трошат за капитални инвестиции, со кои ќе се овозможи поголем квалитет за основците, средношколците и за студентите. Ќе се направи целосна адаптација на центри за стручно образование, со чија помош младите ќе се стекнат со вештини за да стасаат до поквалитетни работни места. Ќе има целосно нов концепт на наставни програми, преминуваме во образование кои создава граѓани што размислуваат критички. Првпат обезбедуваме 54 милиони денари за ангажирање образовни асистенти. Издвојуваме 900 милиони денари за стипендии, а ќе има и целосно нова динамика на исплата на истите, парите за стипендии ќе се исплаќаат секој месец. Ќе се дигитализира процесот на нострификација на дипломите – рече Царовска.

Таа искоментира дека не може да има квалитет без мотивирани наставници.

– Сто дваесет и два милиона денари дополнителни финансии се предвидени за исплата на прекувремени часови кои ги работат наставниците. Со нивниот кариерен развој ќе се вреднува и ќе се финансира нивниот труд. Целиот буџет за 2021 година е насочен кон сериозни инвестиции – додаде министерката.

Таа кажа дека засега нема да има промени во однос на почетокот на зимскиот распуст бидејќи нема причина за тоа, со оглед на фактот дека во моментов на ниво на држава има 79 ученици позитивни на Ковид-19 и 148 наставници, што е помалку од 1 процент и што реално, според неа, не зборува за интерно ширење на вирусот.

Во врска со оценувањето, министерката рече дека по првото двомесечје, оценувањето се одвивало како и секоја година, некаде полесно некаде потешко.

– Наставниците си имаа упатство како се оценува. Ако наставата е со физичко, оценувањето е со физичко присуство. Ако наставникот не може да креира оценка, може индивидуално да ги повика учениците. Наставниците се педагози, тие се справија со оценувањето како што треба. Процесот на онлајн-оценувањето е транспарентен, во домот на детето сите роднини можат да слушаат како одговара детето. Колку пореална оценка, толку е подобро за ученикот, така тој самиот сфаќа дека ништо во животот не доаѓа без труд. Така се прават позитивни промени на долг рок. Така тој самиот учи дека ништо не се добива лесно – смета Царовска.



912

X