Ова е историски ден затоа што повеќе немаме деца од нула до три години сместени во институција и тоа е голем исчекор за почитувањето на детските права и човековите права во нашата држава, истакна министерката Мила Царовска денеска во Битола, каде што претстави еден од петте групни домови за сместување деца.

При престојот во овој град Царовска потврди дека 27 деца се сместени во мали групни домови во Битола и во нив има простор и за интервентно сместување.
– Познатиот „Мајчин дом“ во Битола, кој згрижуваше деца од нула до три години, денес се трансформира и сите дечиња се преселени во мали групни домови во кои сите вработени се прераспоредени и ниту еден вработен не остана без работа. Обезбедивме соодветни услови, топлина и семејна грижа во која децата може да се развиваат и да го постигнат својот максимален потенцијал, а притоа ги задржавме стандардите на институцијата. Со оваа активност направивме многу за нашата држава, поставен е нов стандард, ново ниво за заштита на децата во нашата држава и горди сме на тоа – нагласи Царовска.

Мила Царовска; Фото: Фејсбук

Според амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галуеј, поддршката на проектот на Министерството за труд и социјална политика е мотивирана од желбата децата да бидат сместени во подобри услови, односно во домови.

На отворањето на еден од петте групни домови во Битола присуствуваа претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, и градоначалничката Наташа Петровска.

– Не можев да посакам подобра последна недела на работа – напиша Перкс на социјалните мрежи.



912

X