Младите научници се тие што ја движат напред државата . Државите кои имаат вакви умови треба да се горди, но и да вложуваат во нивниот развој, рече министерката за образование и наука Мила Царовска по денешната средба со учениците што освоија медали на Јуниорската балканска математичка олимпијада.

– Младите математичари се наша гордост, а медалите се заслужена награда за нивното посветено учење. Тоа ве вброи меѓу најдобрите на Балканот, сите се радуваме со вашиот успех – рече Царовска.

Таа ги охрабри сите ученици да вложуваат во себе и во своето знаење, и вети дека Министерството за образование и наука ќе направи сѐ за да им помогне на младите да си ги остварат своите цели.

Младите натпреварувачи учествуваа на олимпијадата за ученици до 15,5 години, каде што виртуелен домаќин беше Грчкото математичко друштво. Учеството на Македонија го организира Сојузот на математичари на Македонија. Во македонската екипа беа Дамјан Давков, ученик од 7. одделение во училиштето „Ванчо Прке“ од Штип, Никола Спировски (9. одд.) од „Ј. Х. Песталоци“ од Скопје, Марија Атанасова (9. одд.) од училиштето „11 Октомври“ во Скопје, Матеј Гелев (9. одд.) од „Блаже Конески“ во Велес, Никола Цветаноски (9. одд.) од „Ѓорѓија Пулевски“ во Скопје и Емилија Николовска (9. одд.) од „Григор Прличев“ во Охрид. Водач на тимот беше Делчо Лешковски, а заменик-водач Борче Јошевски. Освојувачи на медалите во конкуренција на ученици од 10 балкански држави и 8 други држави-гости се: Никола Спировски – златен медал, Дамјан Давков – сребрен медал, Никола Цветаноски – бронзен медал и Марија Атанасова – бронзен медал.



912

X