Вкупно 167 деца, меѓу кои 18 бебиња, се идентификувани на неколку пофреквентни крстосници во Скопје во изминатите две недели од страна на шест мобилни тима. Најчестите активности во кои децата се вклучени се улична работа, продавање мали предмети, чистење стакла и питање. Поголемиот дел од нив се без документи и не се вклучени во образовниот процес.

Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, ова се дел од податоците што зајакнатите мобилни тимови за постапување со деца на улица на ЦСР Скопје денеска ги презентираа на работен состанок со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, и претставници од Црвениот крст на град Скопје.

– Единствен начин да ги детектираме и да почнеме да ги решаваме проблемите со кои се соочуваат децата на улица е да работиме одблизу со нив и нивните семејства, да им овозможиме континуирана помош и поддршка. Токму затоа ги јакнеме мобилните тимови на Центарот за социјални работи, кои веќе почнаа со мапирањето на најфреквентните локации каде што има деца што питаат. Тие, исто така, ќе им помагаат на полнолетните да најдат работа и ќе ги насочуваат да се вклучат во мерките за доквалификација и прекфалификација кои ги нудиме – изјави министерката Царовска.

Таа потсети на важноста на социјалната реформа што сè уште е во собраниска процедура. Со оваа реформа се извлекуваат најранливите од сиромаштија и таа значи за 20 пати поголем опфат на деца во користењето на детскиот и образовниот додаток и намалување на детската сиромаштија, но и овозможување безгрижно детство, ослободено од насилство, експлоатација и злоупотреба и вклучување на децата во образовниот процес.

Претставникот на УНИЦЕФ рече дека првичните наоди од теренските истражувања потврдуваат дека децата на улица често се жртви на повеќе негативни искуства, вклучувајќи физичко и психичко малтретирање и занемарување и оти многу од овие деца го пропуштаат правото на образование, здравје и заштита.



912

X