Здравје

Труднички болки: Дали знаете дека секоја втора трудница има болка во долниот дел од ‘рбетот?

Покрај сите тегоби што може да ви се случат во бременоста, болката во долниот дел од грбот навистина може да ви го загорчи животот. Имено, болката што ја чувствуваат трудниците може да има симптоми на ишијас, а се шири преку ишијалниот нерв кој се протега од долниот дел на грбот преку колковите и задникот низ ногата. Некои трудници постојано чувствуваат болка, додека кај некои се зголемува во зависност од активностите. Освен што влијае врз квалитетот на животот, болката може да го попречи и сонот. Болките што ги чувствуваат трудниците најчесто престануваат по раѓањето на детето. Но, во некои ситуации хроничната болка може да остане и по породувањето.

Зачестеност и кога се јавува болка во грбот?

Истражувањата покажуваат дека секоја втора трудница чувствува болка во долниот дел од грбот во текот на бременоста или по породувањето. Болките може да се мали или поврзани со одредени активности. Болката може и да е хронична, да трае повеќе од 3 месеци. Истражувањата покажале дека од многу силни болки во грбот пати секоја трета трудница. Кај нив 10 отсто од болките влијаат и врз работната способност, па болката во долниот дел од грбот е една од честите причини за одење на трудниците на боледување. Болките најчесто почнуваат да се чувствуваат во второто тримесечје, помеѓу 5. и 7. месец од бременоста.

Симптоми: Тапа или остра болка или пецкање во долниот дел од грбот, болка на едната страна од долниот дел на грбот, неможност за кревање на предниот дел на стапалото при одењето.

Болката може да биде слична на болките во ишијалниот нерв, се шири во бедрата и ногата: симптомите се почести ако дошло до оштетување на долниот лумбален нерв, поради, на пример, дискус хернија, напрегање на мускулите или грчеви. Болката може да се зголемува во текот на ноќта, а тоа е поврзано со лежењето и зголемувањето на матката, која ја притиска главната крвна вена и ги задушува крвните вени во карлицата и во долниот дел од грбот.

Кои се причините за болка?

Причините се различни: многу се познати и природно се случуваат во текот на бременоста, вклучувајќи ги и оние поврзани со држењето на телото, циркулацијата на крвта, анатомијата и хормоните. Ретко се случува болките да се сериозни и опасни за живот. Се смета дека се последица на механичка нестабилност на долниот дел од грбот, а и со самата бременост кога трудницата се обидува да се приспособи на новата состојба. Бременоста доведува до прекумерно напрегање на лумбалните зглобови, дискови, лигаменти и мускули, а жените кои и порано чувствувале болка во грбот или имале други проблеми со грбот, имаат поголем ризик за развој на болка во долниот дел од грбот во текот на бременоста.

Со промените во телото и ризикот од поранешните болести, некои секојдневни активности во бременоста, како одењето и трчањето, превртувањето в кревет, превиткувањето, кревањето, одењето по скали и слично, може да предизвикаат небалансирани движења во карлицата и колковите кои се последица на природните промени во бременоста. Иако се ретки, некои состојби како спонтан абортус, циста на јајчниците или миом на матка, исто така, може да предизвикаат болки во долниот дел од грбот. Може да се и знак за инфекција на уринарниот тракт или предвремено породување.

Лекување на болката

Сето тоа зависи од фазата на бременоста, причината и други фактори, постојни здравствени проблеми, како дијабетес или висок крвен притисок и тежината на симптомите. При одредувањето на видот на лекувањето, лекарот ќе ги процени држењето на телото, обрасците на одење, болки во зглобовите, рефлекси на тетивите и стапката на закривеност на долниот дел од ‘рбетот. Лекувањето вклучува и физикална терапија и вежби, терапија со топли и студени предмети, корекција на држењето на телото, редовно истегнување, одење кај киропрактичар, акупунктура и намалување на стресот со медитација.

Физикална терапија и вежбање

Вашиот лекар или физиотерапевт може да ви препорача вежби за јакнење на долниот дел од грбот. Со редовно вежбање ќе ги зајакнете мускулите, ќе ја зголемите флексибилноста и ќе го намалите стресот на ‘рбетот, што автоматски ќе доведе до намалување на болката. Сигурни вежби се одење, пливање, возење велосипед и аеробни вежби со мал напор.

Студена и топла терапија: Примената на ваквата терапија исто така помага за намалување на болката. Користете студени облоги на болното подрачје до 20 минути, неколку пати дневно. Може наизменично да користите студена и топла терапија, но прво консултирајте се со лекар.

Држење на телото: Избегнувајте да стоите подгрбавени, држете го правилно телото додека одите, седите и спиете. Носењето појас за потпора на грбот може да помогне во подобрување на положбата на држењето на телото во текот на бременоста.

Спиење: Најдобра положба за спиење во текот на бременоста е на левата страна. Таквата положба овозможува најдобра циркулација и на мајката и на фетусот. Избегнувајте лежење на грб бидејќи може да доведе до многу проблеми. Корисно е да се спие и со свиткани колена и да се користат перници за потпора помеѓу колената, зад грбот и под стомакот.

Редовно истегнување: Разговарајте со лекар или физиотерапевт за безбедни вежби за истегнување кои може да ги правите за јакнење на мускулите на грбот и карлицата.

Киропрактика: Ако се прави правилно, одењето кај киропрактичар може да биде безбедно во текот на бременоста. Но, претходно посоветувајте се со својот гинеколог.

Акупунктура: Истражувањата покажале дека акупунктурата е ефективна во ублажување на болките во грбот во текот на бременоста. Се работи за вид кинеска медицина која користи тенки игли кои се вметнуваат во кожата на одредени делови од телото. И во овој случај прво посоветувајте се со својот гинеколог.

Намалување на стресот: Медитацијата е техника за намалување на стресот која може да се користи во кое било време и на кое било место. Најлесно е да се седи или лежи на некое мирно место и да се фокусирате на дишењето, или да слушате некоја аудиопрограма.

Лекови за ублажување на болката: Сите лекови треба да се користат внимателно за да не му се наштети на фетусот и сите треба да се земаат со совет и препорака од лекар.

Обратете се на лекар ако имате некој од наведените симптоми: силни болки во грбот, болки во ‘рбетот кои траат повеќе од 2 недели, болки во ‘рбетот кои се проследени со грчеви во стомакот, болка или други тешкотии со мокрењето, трнење во нозете, вагинално крвавење, било кој абнормален исцедок од вагината, температура или треска.

Сите наведени симптоми се загрижувачки и бараат итна медицинска помош. Болките во грбот во бременоста може да се знак за предвремено породување или инфекција на уринарниот тракт. Ако се проследени и со вагинално крвавење, треска или печење во текот на мокрењето, веднаш контактирајте го својот лекар.

Автор: Ивана Калоѓера

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top