Воспитување

Трка на татковци со нивните малечки деца во колички. Спортот и родителството на се исклучуваат

Додека жените за улогата на мајка се подготвуваат многу пред самата бременост, се смета дека мажот се освестува дека станува татко дури кога првпат ќе го здогледа своето дете. Дури тогаш ќе престане да се доживува себеси како нечиј син и ќе почне да се чувствува како нечиј татко. Додека да се навикне на својата нова улога и целосно да ја прифати, може да поминат години. За тоа време децата растат и пораснуваат, често покрај татко кој е достапен само физички, а не и емотивно. За среќа на децата, тоа може да се промени и се разбира – не се сите татковци такви. Патот кон промената лежи и во причините што ги прават татковците важни за одгледувањето и растењето.

На децата им е потребна рамнотежа во односот на мајчиниот авторитет (или недостигот на авторитет), односно на нејзиниот воспитувачки стил. Така, истражувањата покажуваат дека детето кое на рана возраст е навикнато на внимание, на играта и активната присутност на таткото, побрзо почнува да зборува, порано почнува да оди и полесно воспоставува односи со врсниците. И интелектуалните вештини се поголеми кај децата чии татковци биле вклучени во играта со нив додека биле бебиња. Дури и кога татковците немаат високо образование, нивното ангажирање во раното детство придонесува кон побрз развој на писменоста кај децата и високи образовни постигнувања.

Таткото е важен за момчињата и како модел за идентификација со сопствениот пол, а за девојчињата како параметар за разбирање на спротивниот пол. Во пубертетот, за девојчињата, таткото станува модел кој ќе го побара во својот партнер или ќе бара сличности или разлики од својот татко. За разлика од нив, синовите усвојуваат модели на однесување од татковците кои подоцна ги применуваат во различни области од својот живот.

Организацијата „Дедихуд Јуроп“ има цел да ја крене свеста за важноста на татковската присутност во растењето на детето. Имено, организацијата се пријави за учество на светски познатиот светски маратон „Асикс Екиден“ 2020 година, во кој учествуваат над 45 илјади тркачи, а кој се одржува од 11 до 22 ноември во виртуелен облик.

Во трката се натпреваруваат групи до 6 учесници кои заедно мора да истрчаат над 42 километри, а резултатите се бележат преку апликација. Групата се состои од 6 татковци што трчаат во 5 различни земји (Шведска, Данска, Холандија, Белгија и Шпанија). Но, тие не се сами, со нив трчаат и нивните малечки деца во колички!

Освен свеста за важноста на присуството на таткото при растењето на децата, на овој начин сакаат да испратат порака дека спортот и родителството не се исклучуваат едно од друго, напротив – корисни се и за едното и за другото. А впрочем и за мајките, на кои тоа им овозможува и малку време за себе.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top