Вашето дете не сака да спие? Потребно е да најдете интересни начини за да го натерате да оди в кревет
Специјалистот за сон, Сали Ибрахим, споделува некои од нејзините омилени методи (развиени од педијатриски научници) со кои децата ќе заспијат сами. Изберете го оној што најмногу одговара за вашето дете.
1. Самовила на сонот
Самовилата на сонот ги наградува децата во утринските часови затоа што останале в кревет и заспале сами. Наградата не треба да биде нешто скапо, туку нешто симболично.
Она што е убаво во врска со оваа метода е дека родителот е надвор од сликата. Иако можеби нема да функционира на почеток, ова е одличен метод за имагинативните деца.
2. Табела/стикери за спиење
Наградите помагаат да се охрабрат децата. Друг начин за наградување на вашето дете е да користите табела за спиење во која е вклучен системот за стикери.
Кажете му на детето: „Ќе останам со тебе уште малку, но потоа мора да одиш в кревет. А ако останеш в кревет цела ноќ, ќе добиеш стикер наутро“.
Овие методи се особено добри за дете со силна волја. Детето со силна волја еден ден можеби ќе биде многу успешно. Но сега треба да научи како да спие само.
3. Проверка
Ако вашето дете вели дека се плаши од темнина и не сака да спие само, тогаш постои начин како да го уверите и да му помогнете да се релаксира и да го научи телото да заспие. Кажете му: „Остани ти во креветот, а јас веднаш ќе се вратам“.
Заминете накратко, а потоа вратете се и кажете му: „Те проверувам“.
Секоја вечер зголемувајте го времето помеѓу проверките. На крај ќе видите дека вашето дете веќе заспало. Утрото кажете му дека сте го провериле и дека било одлично.
4. Второ „добра ноќ“
Второто „добра ноќ“ на децата што не сакаат да спијат им дава можност нешто да oчекуваат.
Кога ќе му кажете на вашето дете „добра ноќ“, додајте дека ќе се вратите за второ „добра ноќ“ за 15 минути. Вашето дете веројатно ќе биде будно кога ќе се вратите. Ако лежи тивко в кревет, можете да го наградите.
Потоа постепено одложувајте го второто „добра ноќ“. Знаејќи дека ќе се вратите, на вашето дете му помагате да се чувствува безбедно и да започне да се релаксира.
5. Часовник за будење
Ако вашето дете постојано станува во текот на ноќта или се буди премногу рано, тогаш можете да поставите часовник за будење што ќе покаже кога треба да стане од кревет.
Методата не е за сите деца. Најдобра е за оние што сакаат структура и правила.