Многу родители знаат дека зеленчукот е важен дел од детската исхрана бидејќи претставува извор на растителни влакна, витамини и минерали. За жал, повеќето родители имаат проблем со воведувањето зеленчук во секојдневната детска исхрана. Во продолжение нудиме 4 конкретни и практични чекори кои ќе ви помогнат да го поттикнете детето да го изеде својот зеленчук.

1. Вметнете зеленчук со секој солен оброк

Многу деца јадат зеленчук само во рамките на ручекот, каде што неретко е исклучиво термички обработен. За појадок и за вечера често се јаде само сендвич со сувомесни производи или сирење со јогурт или млеко. Иако на овој начин може да се задоволат потребите за макроелементи, како што се протеини, јаглехидрати и масти, внесот на микроелементи, како што се растителни влакна, минерали и витамини не е целосен. На секој солен оброк додајте еден вид свеж зеленчук и тоа започнете го уште со појадокот. Без разлика што нудите за оброк – јајца, пита, сендвич, качамак со сирење или попара, задолжително послужете барем еден вид исечен зеленчук. На децата често не им се привлечни салатите бидејќи не можат да препознаат што се наоѓа во нив. Понекогаш е подобро да послужите само еден вид исечен зеленчук со оброкот.

2. Спакувајте зеленчук како училиштен оброк

Треба да имате на ум дека кога се гладни, децата ќе го изедат она што им е спакувано како училишна ужина или ручек. Доколку спакуваме слатки и грицки, децата многу брзо и лесно ќе ги изедат. Затоа е најдобро половина од училишниот оброк да биде зеленчук. Иако прво ќе го изедат она што им е повкусно, кога ќе завладее глад, ќе го изедат и зеленчукот.

3. Послужете зеленчук по враќањето од училиште

По завршетокот на училишниот ден децата имаат најголем апетит. Ова е време кога на некој начин е најдобро да им се послужи зеленчук. Ако поминало време од ручекот, подгответе им попладневна ужина во вид на пита или проја со зеленчук.

4. Поедноставете ја подготовката за вечера

Кога ќе видите дека детето упорно избегнува одреден зеленчук, посетете се на вашето детство. Сигурно и вие нешто не сте сакале, запрашајте се зошто? Неретко е потребно да се промени само начинот на подготовка. Доколку вашето дете избегнува:

– Зготвен зеленчук – можеби е премногу зготвен, следниот пат само кратко обарете го за да биде речиси крцкав.
– Салати – ако видите дека само се вртка околу чинијата, следниот пат исечете го зеленчукот покрупно за да види што има во неа.

Не е толку важно дали на детето ќе му послужите свеж или зготвен зеленчук, колку што е важно детето секој ден да јаде неколку различни видови зеленчук. Послужете му помали порции, а дополнително намалете ги своите очекувања и избегнете расправии на оваа тема. Пријатно!

Автор: Дијана Радетиќ

Извор

 



912

X