Освен што треба да се чуваат себеси и своите семејства поради состојбата со коронавирусот, родителите се соочуваат и со предизвикот да им посочат на децата дека мора да носат маски за лице. Педијатарот и автор д-р Пери Клас вели дека додека постарите деца може да бидат малку нерасположени во однос на приспособување на новиот живот со маски, помалите деца се всушност на совршена возраст за да се научат на нова навика.

– Тие може да бидат дури и набљудувачи на семејството, потсетувајќи ги родителите да не ги заборават маските кога заминуваат од дома, да ги повлечат за рака за да им кажат да ја подигнат маската над носот, да ги гледаат со осуда луѓето што премногу им се приближуваат – додава педијатарот. Американската академија на педијатри не препорачува покривање на лицето кај дете што има помалку од 2 години, но има интересни начини како  да им помогнете на децата да се подготват за новиот начин на живот и заштита.

1. Потсетете ги дека некои од нивните омилени ликови и реални луѓе – носат маски

Од ликовите Бетмен, Спајдермен, Дедпул, Црниот Пантер и Железниот човек, маските се голем дел од светот на суперхероите. Не плашете се да навлезете во таа тема. Децата може да се угледуваат и на реалните луѓе – нивните постари браќа и сестри, роднини, пријатели или други деца. „Покажете му на вашето дете слики од други деца како носат маски“, препорачуваат од Американската академија на педијатри.

2. Купете или направете различни маски со интересни слики

Нема причина зошто маската да не биде уште еден забавен дел од облеката и изгледот. Има голем број продавачи онлајн што нудат различни, интересни дизајни. Пребарувајте на интернет или распрашајте се на локално ниво каде можете да најдете различни видови маски кои ќе му се допаднат на вашето дете.

3. Нека се навикнуваат на носење на маската дома

„Вежбајте носење маска и дома за детето постепено да се навикне“, препорачуваат од Академијата. Додека сте дома, гледајте се во огледало со покриениот нос и уста и зборувајте за тоа – со ова експертите велат дека самата ситуација и зборувањето за неа ќе биде помалку страшна за децата. „Со помалите деца може да ја претставите оваа ситуација како игра. Децата може да се преправаат дека се лекари или медицински сестри и да ги носат маските – па може да се погрижат за вас како пациент, или пак за некое животно (играчка), сугерираат експертите.

4. Носењето маска нека биде забавен летен проект

Зошто да не се комбинира неизбежното досадување на децата и социјалната дистанца, со забавен проект кој воедно и ќе ги штити? Можете сами да се обидете да изработувате маски – снабдете се со потребната опрема и започнете. Може да се распрашате и за некои организации што доставуваат заштитна опрема до оние на кои им е најпотребна, па воедно и ќе помогнете и ќе го научите детето дека во ваков период емпатијата, напорната работа и почитта се нешто најважно. Важно е да се запомни дека постарите деца може да носат маски, но оние под 2 години се исклучок. Исто така, Американската академија на педијатри посочува да се внимава многу со децата што имаат некакви респираторни нарушувања, па следствено на тоа и тешкотии при носењето маски. Исто така, нагласуваат дека децата што се ризична група или имаат имунокомпромитирачки состојби да носат N95 маска која содржи и филтер.

– Седењето дома и физичкото дистанцирање сè уште се најдобриот начин да го заштитите семејството од Ковид-19. Особено е добро заради помалите деца кои можеби не разбираат зошто не можат да трчаат надвор кон другите деца или да допираат површини и слично. Децата што се болни (треска, кашлање, течење на носот, дијареја, повраќање) не треба да излегуваат од дома.

На крајот од денот повеќето деца уживаат во шансата да се чувствуваат морално супериорни кон возрасните, се шегува педијатарот Клас. „Охрабрете правилно однесување и одговорност. Потсетете ги дека се попаметни од возрасните лица што не се заштитуваат себеси и другите – бидејќи маските ги прават и двете работи“.

Автор: Џен Џуно

Извор



912

X