Тригодишно момче стана најмладата личност што успеала да се искачи на Пиз Бадиле, планина висока 3.308 метри која се наоѓа на границата меѓу Швајцарија и Италија. Неговата награда? Гумени бонбони „харибо“.
Тригодишниот Џексон Холдинг заедно со неговата 7-годишна сестра Фреја и нивните родители минатата недела успеале да се искачат на планината.
– Беше навистина добро. Уживав во текот на искачувањето и во бонбоните – вели тој.
Братот и сестрата ги следат чекорите на нивните родители и се страсни планинари. За време на искачувањето на планината неговата мајка Џесика го носела Џексон на грб, додека нејзиниот сопруг Лео ги носел намирниците и опремата.
Искачувањето на планината траело четири дена, со една ноќ помината во алпска колиба, а другите поминати во мали метални колиби. Од нивната почетна точка им биле потребни пет часа за да стигнат до швајцарската колиба, а потоа кампувале пред потешкото искачување. На врвот стигнале третиот ден, а наредниот ден се спуштиле по италијанската страна на планината.
Семејството ја завршило експедицијата на 153-годишнината од првото искачување на планината, 27 јули 1867 година. Но, патувањето било одбележано и поради роденденот на Лео.