Постојано доцните? Не можете да ги натерате децата да чистат? Секогаш им ги кажувате истите работи, повторно и повторно? Психолозите сметаат дека постојат три најголеми проблеми што родителите ги имаат со однесувањето на децата и нудат решение како да се справат со нив.
Сите сме биле во ваква ситуација – мора да заминете од дома за 10 минути и тоа сте им го кажале 5 пати. Тогаш гледате како повторно ги растураат играчките или сѐ уште се по пижами.
Зошто децата не можат да ја сфатат потребата да се биде точен или да побрзаат кога вие брзате?
Според експертите, во ова има дел биологија, дел психологија и дел како се однесувате со нив.
Започнувајќи од биологијата, психологот Џоселин Бруер објаснува дека децата немаат целосно развиен префронтален кортекс – делот што го користиме за комплексно однесување како планирање, сфаќање на последиците и донесување одлуки. Затоа тие не знаат што е планирање, што треба да завршат, кога треба да завршат и како функционираат работите.
Освен тоа, тие ги немаат усовршено основите на многу потребни вештини за подготвување, како врзување на чевлите или местење на ранецот, па затоа не можат да побрзаат.
– Тие не биле изложени за да можат да ги извежбаат и практикуваат вештините за побрзо подготвување – вели Бруер.
Психологот Кирили Смаут вели дека брзањето и недоцнењето се приоритети на возрасните. Децата ја немаат истата мотивација за подготвување и тоа е нормално.
– Тие едноставно не се добри во „читање“ на социјалните ситуации, помнење на информациите, фокусираност, брзо движење и разбирање на последиците од нивното однесување – вели Смаут.
За да ги избегнат разочарувањата, Смаут советува родителите да се обидат да разберат дека детето не сака да прави одредени работи и не сака да биде задолжено за нешто.
Зошто е тешко да се натераат децата да исчистат?
За нас е очигледно – кога работите се на подот, мора да бидат тргнати оттаму. Но за децата тоа не е така.
Дел од проблемот е што чистата соба е приоритет на возрасните, додека децата се далеку позаинтересирани за играње и правење неред. Психологот Кимберли Обрајан вели дека за децата, чистењето нема поента бидејќи знаат дека нема да остане чисто.
Многу родители се разочаруваат кога детето не соработува бидејќи очекуваат тоа да се однесува како возрасен. Експертите препорачуваат дека ако сакате да ја заврши задачата, треба да му ги тргнете работите што му го одвлекуваат вниманието и да ја поделите работата.
Но, најважно, држете ја фрустрацијата под контрола доколку не соработува.
Зошто на децата треба да им се повтори истата работа по неколку пати?
Чорапите постојано ги оставаат надвор од кошницата. Вратата постојано ја оставаат отворена. Книгите ги оставаат на маса наместо на полица. Ова се секојдневни проблеми на родителите.
Бруер смета дека тука проблемот е во тоа што децата сѐ уште го учат процесот на придавање значење на она што им го зборуваме.
– Не сите информации што ги добиваат се складираат, голем дел не се зачувуваат во нивната меморија – вели таа и додава дека децата се согласуваат во моментот кога им држите лекција, но ќе го променат нивното однесување бидејќи сѐ уште не се во таа фаза, со оглед на тоа што сѐ уште развиваат емпатија и вештини за резонирање и сфаќање на последиците.