Обидувајќи се нивните деца да бидат и да останат здрави, многу родители прават одредени грешки кои наместо да им го подобрат здравјето, всушност дополнително им го ослабуваат имунитетот. Од претопло облекување до дезинфекција на апсолутно секоја површина во куќата, во продолжение ви пренесуваме некои од најчестите грешки поради кои децата почесто се разболуваат.
Премногу го облекуваат детето
Новопечените родители често мислат дека на детето му е ладно, па грешат и го облекуваат во премногу топла облека. Педијатрите објаснуваат дека со тоа се прави повеќе штета отколку корист. Имено, правилото е дека бебето или малото дете треба да носи само еден слој облека повеќе од својот родител, додека на постарите деца тоа не им е потребно.
Иако ни се чини дека во зимските месеци е секогаш студено, при престојот во затворен простор важно е да не го облекувате детето премногу топло. Со оглед на тоа дека децата се многу активни во текот на денот, доколку се премногу облечени, ќе се прегреат и ќе се потат, па затоа се многу поподложни на настинки.
Претеруваат со дезинфекција на површините
Разбираме дека секој родител се грижи за хигиената на своето дете, но претерувањето со дезинфекција и одржувањето стерилни површини во домот може само да му наштетат на детето. Имено, ваквиот начин на чистење го оневозможува зајакнувањето на неговиот имунолошки систем, па детето станува уште почувствително на потенцијални болести.
Експертите посочуваат дека децата треба да надминат одреден број болести во текот на детството за нивното тело да изгради природна одбрана од штетните вируси или бактерии. Поради прекумерна дезинфекција и употреба на агресивни средства за чистење, телото на детето нема можност да изгради сопствена одбрана. Имено, една неодамнешна студија покажала дека изложеноста на детето на бактерии значително помага во зајакнувањето на неговиот имунитет и отпорност.
„Изложеноста на бактерии всушност може дополнително да ја поттикне работата на имунолошкиот систем на детето и на тој начин да му помогне да биде поотпорно на болести кои му се закануваат“, објаснува гастроентерологот и автор на споменатата студија, Пурна Ц. Кашјап.

Избегнуваат престој надвор кога е студено
Многу родители ја прават оваа грешка затоа што мислат дека тоа ќе спречи нивното дете да се разболи на студеното време, а всушност го прават токму спротивното. Имено, колку и да е студено надвор, тоа има повеќекратни позитивни ефекти врз детскиот имунитет. Свежиот воздух поволно ќе влијае врз неговиот респираторен тракт и ќе ја зајакне отпорноста на организмот, а со тоа ќе го направи поотпорен и полесно да поднесува болести доколку случајно се зарази.
„Да се биде на отворено, свежиот воздух и сонце генерално се добри за здравјето на секое дете, а студеното време и ниската температура нема да предизвикаат болест. Тие можат само дополнително да го зајакнат имунитетот на детето. Секако, ако надвор е ладно, детето треба да биде соодветно облечено“, објаснува педијатарот Џен Трахтенберг.