Многу бремени жени се прашуваат кога треба да објават дека се бремени. Еве кои се нивните најголеми грижи
Зошто многу жени чекаат да поминат месеци пред јавно да објават дека забремениле? Традиционално мислење е дека жените треба да чекаат да поминат 12 недели од бременоста. Ова се работите што најмногу ги загрижуваат идните мајки, но не дозволувајте тие да ви ја диктираат таа одлука.
1. Страв од спонтан абортус
Најголем број спонтани абортуси се случуваат во првото тримесечје. Жените се плашат дека ако им ја објават среќната новост на семејството и пријателите, во случај на спонтан абортус ќе мора на сите да им објаснуваат што се случило. Многу жени веруваат дека е полесно да се задржи среќната вест за себе отколку да се споделува тагата со сите.
Во реалноста, ризикот од спонтан абортус се намалува секоја недела и веројатно е помал отколку што сметате. Освен тоа, на жените им треба потпора кога ќе им се случи спонтан абортус.
2. Несакани совети
Вашата тетка, свекрва, роднина, колешка од работа и сите други од вашето опкружување би имале некој совет за вас или коментар за новата бременост. Се разбира, би имало и многу зборови на поддршка во кои би можеле да уживате. Некои коментари би можеле да ве вознемират затоа што би биле непотребни, особено некои лоши приказни.
Меѓутоа, кога ќе ја објавите бременоста, ќе ве чекаат разни совети. Најдобар начин за одбрана е насмевката, а ако некои коментари не ви се допаѓаат, обидете се разговорот да го однесете во друга насока.
3. Грижи околу кариерата
Иако во законите пишува дека бремените жени не смеат да се отпуштаат од работа, сите знаеме дека реалноста е поинаква. Исто така, многу жени по враќањето на работа ја губат позицијата на која работеле пред породилното отсуство.
Тешко е да се одлучи кога е вистинското време за објавување на бременоста на работното место. Но, ако работите на место кое може лошо да влијае врз вашата бременост, најдобро е веднаш да кажете за да се заштитите.
Всушност, најдобро е да размислите и среќната вест да ја пуштите во јавност кога вам ќе ви биде најпријатно. Ако сакате веднаш да вреснете од среќа и да им кажете на сите, направете го тоа. Зошто не би почнале веднаш со славењето? Ако сакате да го чекате седмиот месец од бременоста, тогаш уживајте во тишината и среќата. Тоа е ваша бременост и најважно е што вие мислите и чувствувате.