Здравје

Тргајте ги децата од климите. Како правилно да се користат?

Летото уште не стигнало, иако според температурите, водата што од фасадите капе по минувачите и според вирчињата околу зградите од клима-уредите – чувството е како да сме среде август.
Најтешко им е на бебињата, на малите деца и на старите зашто имаат лоша терморегулација, на хронично болните и на метеопатите, иако на жештината најмногу се жалат оние што се здрави и прави, велат лекарите.

Како и да е, се чини дека без клима не се може, но тоа не значи дека треба да ја наместите на 14 степени и да седите под неа. Не, никако! Клима-уредите треба да се користат со мера, особено ако имате бебе и мали деца.

Климата да е наместена на 26 степени

Само правилната употреба на климата го чува здравјето, а неправилната го загрозува, што значи дека во климатизираните простории треба да доминира чувство на свежина, а не на студ. За почеток, никогаш не затворајте ги сите прозорци, барем еден оставете малку отворен за низ него да влегува свеж воздух. Одвреме-навреме, да речеме на еден час, треба да ја исклучите климата и ширум да ги отворите прозорците, на 3-4 минути, па да ги затворите и да ја вклучите климата, која секогаш треба да биде наместена на најмалку 26 степени. Ако живата на термометарот „полуди“, наместете ја климата на температура која е 10 степени пониска од надворешната.

Иако за бебињата високите температури се многу поопасни од ниските, не препуштајте ништо на случајот и не изложувајте го вашето дете на ризик од хипотермија, пад на телесната температура под 36 Целзиусови степени. Не проценувајте по рацете и нозете на детето дали му е ладно, туку по вратот и градите. Особено е опасно ако ладниот воздух од климата директно дува во детето, па затоа поведете сметка за положбата на креветчето, оградата, столчето за хранење, местото каде што си игра детето. Ова правило не важи само за вашиот дом, туку и за климатизираните простории во кои го внесувате детето – ресторани, кафулиња, игротеки, домови за здравје, но и во автомобили.

Заменете ги филтрите на климата

Пред секоја сезона повикајте овластен сервис за мајсторите да ги исчистат и да ги сменат филтрите зашто во спротивно – и вие и детето се изложувате на ризик од вируси, бактерии, прашина и разни нечистотии што се собираат во клима-уредите. Исто така, редовно одржувајте ја хигиената во куќата зашто воздухот од климата може да ја поткрене прашината и да ја рашири низ просторијата, а дека пушењето е забрането во собата каде што престојуваат децата, веќе знаете.
Ако немате клима, користете вентилатори, но никако не смеат да дуваат во вас, особено не во децата, а внимавајте и како сте облечени. Облеката треба да биде тенка, лелеава и памучна.

Поврзани написи

To top