Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Син ми за еден месец ќе полни 2 години и од пред некое време најголем проблем ни е пресоблекувањето. Не знам од кои причини, но не сака да се пресоблекува. Трета светска војна е кога треба да го пресоблечам. Не дозволува да му ја соблечам блузата, а кога ќе успеам, по 10 минути и со плачење, одбива да се облече. Се обидов и со разговор и преку игра, дури и сосила, но никако не можам да му објаснам дека морам да му ги сменам алиштата, да му облечам пижами и слично. Можеби и не е голем проблем, но навистина ми е мачен целиот тој процес, дополнително што во текот на денот треба да го пресоблечам неколку пати.

ОДГОВОР: Драга мајка, секое дете се раѓа со свој сензибилитет и во просторот на неговото живеење и растење на свој автентичен и посебен начин покажува кои од работите што ги прави му се допаѓаат, а кои не му се допаѓаат.

Иритабилниот начин на пресоблекување може да укажува на рани пренатални искуства, т.е. поспецифичен начин на породување кое за новороденчето било специфично или непријатно искуство. За да го потврдиме тоа, потребни ни се: детална пренатална историја во процесот на бременост и начин на породување, т.е. квалитетот на перинаталниот период.

Таквите рани искуства знаат да се манифестираат најчесто околу главата, во смисла на непријатност при протнување на главата низ блуза, непријатност при ставање вода на главата итн.
Користете водена медитација за деца, која лесно можете да ја најдете на „Јутјуб“. Кога ќе се капе во бањата, гледајте да го задржите таму и пуштајте му ја таквата водена медитација. Ви предлагам да играте игра, протнување низ хулахоп или некој друг соодветен круг. Исто така, можете да наредите столови еден зад друг и да барате од него да се протнува низ тесниот простор. Ваквите активности го растоваруваат детето од раните перинатални искуства.

Потоа обидете се ваквата непријатност со облекување да му ја претставите и преку игра. Земете кукли или кадифени играчки и поттикнете го да ги облекува и соблекува. Потоа ставете се во улоги кои ќе ги смените претходно. Вие бидете дете и дајте му задача тој да биде мајка и да ви ја облече блузата. Манифестирајте го неговото однесување пред него. Направете рефлексија, т.е. негово огледало во кое ќе се види себеси.

Секое успешно облекување уважете го со поттик и пофалба, на пример: „Мама е горда на тебе, секој ден си сѐ поуспешен во облекувањето.“ Стимулирајте ја неговата независност со тоа што ќе го поттикнувате сам да се обиде да се облече, кажете му: „Ти си големо момче, можеш и сам. Одлично го правиш тоа.“

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X