Наместо досегашното породилно отсуство, се предвидува поделба на отсуството на мајчинско, татковско и родителско отсуство. Ова се предвидува согласно новиот предлог-закон за работни односи, кој е во нацрт-верзија, за кој периодов ќе одржиме серија јавни расправи со цел вклучување на јавноста и отворање на можноста за коментари, објави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на својот фејсбук-профил.

-Татковското отсуство е во траење од 15 дена и се користи веднаш по раѓањето на детето, ако е едно дете, а за близнаци, тројки и повеќе родени деца, во траење од 20 дена. Мајчинското отсуство трае 5 месеци, а родителското по четири месеци за секој родител поединечно – наведува Тренчевска.

Министерката посочува дека иако на прв поглед изгледа дека е намален периодот на мајчинско отсуство, сепак, не е така бидејќи мајката има пет месеци мајчинско и четири месеци родителско отсуство. Значи, како што нагласи, останува со детето исто како и досега, 9 месеци.

– Но, дополнително, тука се и четири месеци родителско отсуство на таткото, кои доколку се користат од страна на таткото по истекот на мајчинското и родителското отсуство на мајката, значи дека детето наместо досегашните 9 месеци, ќе може да биде под родителска грижа вкупно 13 месеци – објави Тренчевска.

Според неа, воспоставувањето на трите вида отсуство, освен обезбедување заштита, има цел и изедначување на улогата на мајката и таткото, односно мажот и жената во периодот на подигнување на детето или децата. 

Извор: МИА



912

X