Нико Алари, сопственик на ресторанот „Холибели“ во Париз, вели дека рестораните не сакаат бебиња, мали деца и доенчиња.
„Дури и ако сопственикот е пријателски настроен кон бебињата, повеќето келнери не се. Тие се неуредни, бучни, лепливи, несмасни, вознемирувачки, минијатурни суштества“, рекол Нико.
„Ако работите во нашата индустрија, не кажувајте ми дека не ви паѓа мака кога ќе видите шармантен пар со неколку преслатки деца како поминува низ вратата на ресторанот. Едноставно нема да ви верувам“, додал тој, истакнувајќи дека тоа што вработените не сакаат бебиња во ресторанот не значи дека ги презираат децата.
„Тоа се две сосема неповрзани работи. Тоа само значи дека тие се професионалци и дека длабоко во себе знаат дека ќе ги попречат другите на овој или оној начин“, рекол тој.
На многу сопственици им дошло преку глава. Сопственик на ресторан во Рим забранил влез за деца бидејќи ресторанот е дизајниран така што музиката, светлината, бучавата и менито не се наменети за деца. Сопственик на пицерија во градот Сондио на влезот објавил порака: „Оставете ги невоспитаните деца дома или сменете го местото“. Ова го направил откако се изнервирал затоа што некои од децата на гостите се однесувале како да се дома, си играле криенка и налетале на келнерите. Сопственикот дури изгубил некои редовни клиенти.
Неодамна келнерка од Хрватска се пожалила дека децата во кафулето каде што работи врескаат и трчаат и ги вознемируваат гостите, но нивните родители не ни трепнуваат поради тоа. Сопственикот на ресторанот „Ла Палапа“ во Рим, Виторио Еспосито, забранил влез на деца до 14 години и за животни, а освен во Италија, движењето „Child Free“ се проширило и во други земји. Создадено е во САД, а може да се престојува во хотели без деца во Париз и Мадрид и на некои егзотични дестинации.

Ресторанот „Oma’s Küche“ на германскиот остров Риген прифаќа деца помлади од 14 години, но само до 17 часот. Потоа барот е резервиран за возрасни кои бараат мир и тишина. Во Берлин многу кафулиња имаат ознаки „Kinder Verboten“ – забрането за деца. Многу хотели во Шпанија не прифаќаат гости помлади од 12 години, некои дури и помлади од 18 години. А во Шведска има сѐ повеќе ресторани, хотели, одморалишта и велнес-центри кои се за „без деца“.
Од друга страна, има и ресторани погодни за семејства, каде што децата се добредојдени. На таквите места често има простор за играње на децата, боенки, како и столчиња погодни за малите гости.