Ударите на глава се речиси секојдневна појава во животот на секое малечко, а секојдневна грижа и за родителите. Тоа може да се случи во кој било момент, додека детето игра, јаде, па дури и додека спие.

Љубопитноста на децата се издвојува како најчеста причина за појава на сериозни повреди.
Причини:
• Малите деца не можат да го контролираат движењето на главата онака како што можат возрасните.
• Нивните глави се поголеми во однос на нивните тела.
• Нивните вратни мускули не се толку развиени и поради тоа, децата не умеат добро да ја амортизираат главата при пад.
• Нозете на малите деца се нешто пократки во однос на остатокот од нивните тела.
• По ударот, детето може веднаш да се вознемири и да почне да плаче, може да ја занемари целосната ситуација и да продолжи да си игра, а може дури и да изгуби свест, да поврати или да добие епилептичен напад.

Кога состојбата за родителите треба да биде алармантна?

Од повредата детето обично се здобива со мал потрес (комоција) на мозокот. Потресот на мозокот е асоциран со краткотрајно (само неколку минути) губење на свест, проследено со гадење и повраќање. Повредите на глава може да се поделат на надворешни (најчесто на скалпот) и внатрешни (повреда на черепот, мозокот и крвните садови во черепот). За среќа, повеќето повреди на главата се надворешни, кои се навидум застрашувачки, но, за среќа, не се животозагрозувачки. Внатрешните повреди на мозокот се опасни бидејќи водат до крвавење или нагмечување на мозокот, кои можат да остават сериозни и трајни последици.

Дете што не се чувствува добро мора веднаш да биде упатено на соодветен специјалист.

Испупчениците, расечениците на главата и на лицето обично заздравуваат добро, може да се третираат исто како и повредите на другите делови од телото.
Не грижете се, расечениците знаат да крваварат силно поради тоа што лицето и скалпот се добро васкуларизирани регии (богати со крвни садови). Ова крвавење за секој родител значи веднаш вклучен аларм дека нешто сериозно се случува, но честопати повредата не е толку сериозна. Крвавењето може да се запре со ставање газичка на местото на повреда, со блага компресија (стегање) на газата врз раничката. Доколку и покрај ова крвавењето не престанува, потребно е веднаш да посетете лекар затоа што малите деца може да изгубат голема количина на крв од длабок пресек на главата.
Сериозни повреди на главата вклучуваат повреди на мозокот. Колку поголема сила е вклучена, толку е поголема веројатноста дека се случила посериозна повреда, повреда што директно влијае врз мозокот.
Непосредно по повредата може да биде тешко да се направи разлика помеѓу лесна трауматска повреда на мозокот (потрес на мозокот) и посериозна повреда на мозокот.
Внимателно набљудувајте го детето 24 часа по повредата на главата за да видите дали развива знаци на сериозна повреда.

Кога ќе се појави повреда на главата, побарајте повреди и на други делови од телото. Фокусот на повреда на главата може да направи превид и на други дополнителни придружни повреди.

Проблеми со дишењето, повреди на ‘рбетниот столб и сериозно крвавење се животозагрозувачки симптоми, кои можат да се појават заедно со повреда на главата и бараат итна медицинска помош!
Повредите на ‘рбетот, особено на вратот, мора да се земат предвид кога се случила повреда на главата. Проверете дали има други повреди на лицето, устата или на забите секогаш кога има повреда на главата.
Внимавајте! Она што ни е од суштинско значење е како се однесува детето. Неговата реакција е во директна корелација со тежината на повредата.

Мајки и татковци, не грижете се, секоја нова фаза на учење на вашето бебе бара зголемено внимание од ваша страна, за да се спречи каква било можност за повреда.
Може да ве изненади колку брзо вашето бебе може да се движи од една во друга фаза. Доколку свесно и внимателно се приспособувате на способностите на вашето бебе околу неговите новоразвиени вештини, ќе ви биде полесно и спречувањето на можните несакани повреди.



912

X