Веројатно не постои човек кој нема „трауми“ од детството, случки и изјави на нашите блиски што нè тераат да се насмееме

Детството е најбезгрижниот период од животот. Секогаш со задоволство се сеќаваме на сите згоди и незгоди што сме ги имале со нашите врсници на училиште, пред зграда, на улица, како и на оние со родителите, бабите, дедовците. Веројатно не постои човек кој нема „трауми“ од детството, случки и изјави што нè тераат да се насмееме, а најчесто ги кажувале нашите родители.

Побаравме наши читатели да ни ги раскажат своите „трауми“. Ви пренесуваме дел од нив и веруваме дека ќе ве насмеат и ќе ве вратат во вашето детство.

Aко не јадеш, ќе ти се залепат цревата

„Ако не ја изедеш боранијата, ќе ти ја истурам во врат!“ – Зоран.
„Не фаќај ништо на масата додека не дојдат гостите“ – Дијана.
„Пази да не ја голтнеш мастиката, ќе ти се залепи за цревата“ – Ана.
Траума од баба ми: „Не пипај овде, не пипај таму, не на маса, никаде. Па каде тогаш да пипам, на таван да се качам, а таа – е така, седни си на едно место и седи!“ – Александра.
„Ела да го чуваш брат ти!“ – Ерика.
„Ако не јадеш, ќе ти се залепат цревата“ – Михаил.
Кога ќе побарав нешто благо и ќе ми речеа – ете јади мармалад или мед. Или, немој кафе да пиеш, ќе ти порасне опашка. Не доближувај се до телевизорот, ќе те лапне. Не можев да поднесам кога ме праќаа по леб, млеко, цигари, а кога ќе дојдеа гости, морав и за нив да купувам – Елена.

Кого повеќе сакаш, мама или тато?

Кога ќе дојдеа гости, морав специјално од соба да излезам, да се поздравам со нив, да ме штипат и бацуваат тетките и да слушам колку сум пораснал, ме прашуваа дали имам петки во школо, дали имам симпатија (а јас умирав од срам) и кого повеќе сакам – мама или тато! – Михаил.
Траума? Кога ќе го лижнеше баба ми прстот за да ме забрише околу уста – Ане.
Татко ми: „Стани, смени ја програмата на телевизорот“. Тој оптегнат на каучот си гледа. И никогаш не го памтеше редот, дали сум јас или сестра ми на ред – Дијана.
Траума од детство ми се Фреди Кругер и Кинг Конг. Со мајка ми одев на спиење и проверував под кревет. И од баби со сочни бакнежи имам траума и гадење – Елена.
Татко ми кога ќе кажеше „пссссст“. „Псссст“ и сега би прифатила, само да е тука – Маја.
„Молчи, татко ти спие“, а тој спиеше нонстоп. Или: „Немој да излезеш на улица со точак, ќе те згазне кола“ – Ангела.

Ја заклучував баба ми да не ја земе „Старо купујем“

„Дај, ние ќе ти ги чуваме парите од роденден“. Ама по секој роденден беше ова. Горан
Секогаш кога поминуваше „старо купујем“ по улица, јас трчав дома да ја заклучам баба ми да не ја земе. По наредба на мајка ми моравме да ги чешламе ресите на теписите. Еден ден од инат ги исеков сите реси. Казна имаше, но барем се спасив од ресочешлање. Најважната животна траума: Како девојче од пет години, цртав жена со оџак на глава и ја викав Верка вештерка. Годините поминуваа, си пораснав, се омажив. Свекрва ми се вика Вера. Никогаш веќе не цртам – Татјана.
Од баба ми: „Ако шеташ со еден чорап, мајка ти крава ќе стане. Ако спиеш во спална кај вујко ти и вујна ти, косата ќе ти падне“ – Ана.
„Не пипкај ги наполитанките, за гости се. Не јади сончоглед со лушпа, ќе те фати слепо црево“ – Цветанка.
„Се почеша? Те чеша главата пак? Ај легни ваму да те проверам“ – Јасмина.
Имав уплав од камионот што ги миеше улиците, јас си го викав прскалица и бев во грч кога ќе го чуев, се плашев дека ќе ме намокри и џом дома се криев – Ирена.
„Кој сум јас, Рокфелер па што барате сè да ви купам? Што бараш таму да се качуваш, мајка ти таму е?“ – Елена.
„Дојди ваму мама да те ишиша“. И имаш фризура тенџере задолжително и шишка над веѓа еден прст. Влегуваш со коса до под задник, а излегуваш со коса до уши – Маја.

Не седи на цименто, без јајници ќе останеш

„Траума? Кога се испраќаа гости и уште едно пола саат правење муабет на нозе во ходник. Редовното тепање меѓу татко ми и најдобриот пријател кој да ја плати сметката во ресторан“ – Наташа.
„Секој викенд молев по цел саат за да ме пушти татко ми да излезам. Смрт ми беше тоа молење. А па не дај боже да задоцнев 5-10 минути, по цел саат стоев пред него и објаснував (ќутев де) зошто сум задоцнила“ – Цеце.
„Ако седиш на ќош, нема да се омажиш“ – Елена.
„Не седи на цименто, без јајници ќе останеш“ – Сања.
„Во 15:30 редовно вести на радио, никој не смееше да зуцне. До 18 часот не смееше телефон да заѕвони, не па некој на ѕвонче да дојде да те викне за надвор. Мајка ми редовно кога ќе ми оставеше макарони и шпагети за ручек, сè некаде бев и немаше ручек“ – Емица.
„Ќе заигра каишот“. Никогаш не заигра, ама реченицава постојано ја слушав – Мартин.



912

X