Американскиот претседател попушти пред јавниот притисок и ја смени политиката за раздвојување на мигрантските семејства на границата меѓу Мексико и САД. Во иднина родителите и децата заедно ќе одат во мигрантски притвор.
Доналд Трамп направи драстична промена во миграциската политика откако се соочи со жестоки критики од земјата и од странство. Во иднина родителите што илегално влегуваат во САД преку јужната граница нема да бидат раздвојувани од своите деца. За ова претседателот вчера потпиша декрет. Демократската партија жестоко ја критикуваше практиката на раздвојување на децата од родителите, но исто така критика дадоа папата Франциск и владите на Германија и на Велика Британија.
– Станува збор за тоа семејствата да бидат заедно, а од друга страна мора да се погрижиме да имаме моќна и солидна граница – изјави Трамп откако го потпиша декретот во Белата куќа.
Тој сепак останува на својата политика на „нулта толеранција“, според која секој нелегален премин преку мексиканско-американска граница претставува кривично дело.
Најмалите имигранти што се оставени без родители под наредба на администрацијата на Трамп и неговата најнова политика на „нула толеранција“ се премногу ранливи за да зборуваат за нивните случаи со законските застапници.
Некои деца се премногу мали за да знаат зошто нивните родители ги напуштиле своите домови, како се викаат нивните родители и кога се родени, вели Кејт Линколн, адвокат за имиграција со седиште во Остин.
„Децата воопшто не сфаќаат зошто се тука, нивното единствено прашање е: „Каде е мајка ми?“ или „Каде е татко ми?“ Тоа е сѐ што прашуваат“, додава таа.
Практиката на раздвојување на децата од родителите почна во мај и траеше до завчера. Беа одвоени 2.342 деца од родителите, но сѐ уште не се знае колку од нив се на возраст под пет години.
Добротворни организации се обидувале да им помогнат на децата што се одвоени од нивните родители, но децата се премногу трауматизирани или премногу мали за да можат да зборуваат.
Б.Т.