Откриено е дека шарените топчиња во базените за играње што ги има во секое игралиште за деца се полни со бактерии кои предизвикуваат воспаление на белите дробови, сепса и менингитис.

Иако сите знаеме дека изложувањето на бактерии не е секогаш лоша работа – особено кога се работи за градење на имунолошкиот систем кај малите деца, по објавените резултати на ова истражување можеби ќе треба во вашите торби да носите и антибактериски марамчиња кога ќе ги носите децата во центри за забава.

Новото истражување спроведено во Универзитетот во Грузија открива дека детските топчиња не само што се полни со бактерии туку и дека содржат бактерии кои предизвикуваат воспаление на белите дробови, сепса и менингитис. Истражувањето, кое е објавено во списанието „Американ џурнал оф инфекшн контрол“, покажало дека во базените со топчиња се кријат повеќе од 30 различни вида бактерии.
Истражувачите зеле примероци од шест различни места и пронашле повеќе од 31 вид бактерии што можат да предизвикаат многу инфекции, од воспаление на мочниот меур до инфекциски ендокардитис. Во игралиште со многу валкани топчиња истражувачите пронашле во просек по 170.818 бактерии на едно топче. Едно од нив имало 712.000 микроби. Бактериите во базените се поврзуваат со растенијата и нечистотиите однадвор.

Пронајдени се овие бактерии:
* Enterococcus faecalis – која предизвикува ендокардитис, септикемија, инфекција на мочните патишта и менингитис.
* Staphylococcus hominis – која предизвикува инфекции на крвотокот.
* Streptococcus oralis – за која се знае дека предизвикува ендокардитис, респираторен дистресен синдром кај возрасните и стрептококен шок.
* Acinetobacter lwoffii – за која е утврдено дека предизвикува септикемија, воспаление на белите дробови, менингитис, уринарни инфекции и инфекции на кожата.

Редовното чистење на базените со топчиња варира, што значи дека бактериите можат со недели и месеци „да се акумулираат и да нарастат до ниво кога стануваат способни за пренос и инфекција“. Тоа е особено опасно за деца со слаб имунолошки систем.

Мери Елен Естерле, водечки истражувач на студијата, изјавила дека е потребно да се направат што повеќе истражувања на оваа тема, а можеби ќе треба да се развијат и стандардизирани протоколи за чистење за да се реши овој проблем кој сите нè засега.

Овие топчиња ги поттикнуваат децата да ги развиваат своите моторички и сензорни вештини така што терапевтите често ги користат како некој вид терапевтска игра. Од 80-тите години топчињата се воведуваат и во трговските центри и синџири како „Мекдоналдс“, низ кои дневно поминуваат голем број луѓе, па на крајот од денот овие топчиња се многу валкани.

„Ова и не е некоја тајна или изненадување. Можеби топчињата се сон на секое дете, но истовремено се и ноќен кошмар за родителите бидејќи често се многу валкани“, напишале истражувачите.

 



912

X