„Том Соер“ е новата претстава во режија на Деан Дамјановски, која премиерно ќе биде изведена вечерва во 19 часот во Театарот за деца и младинци. Претставата е работена според текст на Горјан Милошевски, а улогите ги толкуваат: Бојан Кирковски, Мики Анчевски, Драган Довлев, Емра Куртишовска.

Според режисерот, Том Соер е идол на генерации деца кој нè потсетува дека во секој од нас лежи еден херој и дека сѐ што треба за да го разбудиме е да веруваме во себе.
– Ова е претстава за „малиот голем човек“ Том Соер, херојот на измисленото гратче Сејнт Питерсбург во Америка. Тој со помош на својата остроумност и пргавост и, се разбира, со помошта на своите пријатели Хаклбери Фин и Бен Роџерс успева: да ја бојадиса оградата без да помрдне ниту прст, да ја заведе Ејми Лоренс, да ја освои убавата Беки Тачер, да го спаси од бесилка Маф Потер, да го надмудри Вајлд Џо и да го спаси богатството на вдовицата Даглас, кое ќе биде искористено за да се изгради дом за деца без родители.

Со тоа, нашиот симпатичен херој ја добива наклоноста на тетка Поли, Сид, шерифот и неговиот помошник Џеремаја, судијата Тачер, како и на целото гратче Сејнт Питерсбург – вели Дамјановски.
„Том Соер“ е всушност стриповска вестерн-комедија.
Том Соер го толкува актерот Бојан Кирковски. Тој вели дека претставата нè потсетува колку едно дете може да биде храбро и колку многу може да направи во светот.
Претставата ќе биде изведена и на 16 и на 23 мај.



912

X