Родителите често ги оправдуваат лошите навики и постапки на детето бидејќи сметаат дека тоа се само фази кои брзо ќе поминат. Меѓутоа, постојат ситуации во кои мајките и татковците веднаш би требало да реагираат. Психолозите предупредуваат дека следните проблеми во однесувањето никако не смеете да ги игнорирате:
Детето ве прекинува додека зборувате
Зошто не треба да се игнорира? Вашето дете многу зборува и постојано сака нешто да ви каже или да ве праша, а со самото тоа го прекинува вашиот разговор со другите луѓе. Психолозите советуваат дека е неопходно да се научи детето да не го врти вниманието на себе и дека мора да биде толерантно и да им даде шанса и на другите да зборуваат. Овој проблем треба да се решава во раното детство.
Како да се реши? Ако сте кај пријатели или имате гости, на детето претходно објаснете му, со разбирање и без осуда, дека не смее да ве вознемирува додека разговарате, освен ако ситуацијата не е итна. „Немој да ме прекинуваш додека зборувам, како кога бевме кај кумовите минатиот викенд!“, со остар тон – не е начин. Наместо тоа, клекнете, погледнете го детето в очи и нежно објаснете му дека баш ретко имате можност да поразговарате со тетката што сега ќе дојде и дека не сакате да ве прекинува освен ако не е нешто навистина важно (дајте пример за важно). Потрудете се додека зборувате детето да прави нешто забавно настрана, а ако не сака да се одвои од вас, тогаш објаснете му дека мора мирно да седи. Задолжително кога ќе го завршите разговорот дозволете му на детето да ве праша или да ви го соопшти тоа што сакало.
Детето е насилно во текот на играта
Зошто не треба да се игнорира? Ако вашето дете во текот на играта со другарчињата постојано турка, штипе или зема предмети, тогаш е јасно дека имате проблем со агресивно однесување. Ако ова не го спречите додека детето е малечко, психолозите истакнуваат дека веќе од осмата година е потешко да се воспита агресивно дете и да му се укажат грешките. Ако не реагирате навреме, детето ќе го прифати насилството како оправдан начин на однесување.
Како да се реши? Прво, побарајте причина зошто детето се однесува така. Дали можеби трпи насилство? Дали неодамна добило братче или сестричка? Дали нешто друго важно се променило во неговиот живот? Ако ја утврдите причината, разговарајте со детето и помогнете му да ја надмине ситуацијата. Исто така, кажете му дека иако разбирате оти е луто и бесно, сепак, не смее тој бес да го исфрла на другите. Објаснете му дека ќе мора да ја завршите играта и да тргнете дома ако некој е повреден во текот на играта. Секогаш е добра идеја детето да го запишете на некој спорт за да го троши вишокот енергија. А ако самите не успевате да го решите проблемот, никако не практикувајте казни, закани или тепање. Имајте на ум дека вашето дете има проблем, не помал од ситуациите кога нешто го боли или има температура. Во тие ситуации обично барате помош од лекар ако температурата не поминува, па логично е тоа да го направите и кога детето има проблем со однесувањето – затоа обратете се на психолог.
Се прави дека не ве слуша
Зошто не треба да се игнорира? Ако на вашето дете неколку пати му повторите да ви донесе нешто или да ги собере играчките, а тоа не реагира, тогаш веќе имате проблем. Никако немојте да попуштате и самите да го направите она што сте го барале од детето, со тоа само испраќате порака дека ако тоа не сака, вие ќе ја завршите работата наместо него. Не можете потоа да се лутите што не ве слуша од прва.
Како да се реши? Кога на детето му давате инструкција да направи нешто, а тоа не сака да ве послуша иако ве слушнало, пријдете му, ставете ги рацете на неговите рамена, погледнете го в очи, изговорете го неговото име и кажете му што треба да направи.
Детето зазема лош став
Зошто не треба да се игнорира? Ако вашето дете ги превртува очите кога го критикувате или почне да се исмејува со вас и да ги повторува вашите зборови, никако немојте да го занемарите ваквото однесување. Многу родители мислат дека ова е само една од фазите на растење и дека ќе помине, иако тоа е понекогаш така, сепак не се работи за нешто што треба да се игнорира.
Како да се реши? Објаснете му убаво на детето дека таквото однесување е неприфатливо. Ни вие не однесувајте се кон другите или кон самото дете на сличен начин, не превртувајте со очите на неговото однесување или зборови. На ваквото однесување на децата не возвраќајте со викање или со исто однесување. Едноставно прекинете ја комуникацијата со зборови дека ќе може да ви се обрати следниот пат кога ќе го направи тоа со почитување.
Детето премногу лаже
Зошто не треба да се игнорира? Лагата е, во раното детство, најчесто само плод на детската фантазија. И кога тоа ќе го препознаете, не треба да ја спречувате фантазијата, но ако детето лаже за основните работи за себе, тогаш веќе е време да реагирате. Психолозите предупредуваат дека премногу лаги кај малите деца може да им влијаат на тој начин што никогаш нема да прифатат кои се навистина, туку често ќе лажат и ќе сметаат дека тоа е прифатливо.
Како да се реши: Сигурни сме дека веќе сте му објасниле на детето дека е лошо да лаже и дека треба да ја кажува вистината, дури и ако вистината е нешто лошо. Пред тоа постои уште една поважна работа – родителите многу често го прават тоа, ја лажат воспитувачката, подоцна учителката, иако детето ги слуша и знае дека кажуваат лаги. Се разбира, детето учи според модел и немате право да се лутите ако и вам утре ви го стори истото. Следниот чекор е кога детето ќе ви ја каже вистината, да не биде казнувано. Што и да е вистината. Разговарајте, покажете разбирање.
Од друга страна, постои уште еден трик кој на многу родители им успеал. Кога детето ќе ви каже нешто за што сте процениле дека е лага, кажете: „Слушнав што рече, но ќе се правам дека не слушнав и ќе ти дадам шанса сега да ми ја кажеш вистината“.