Каква вест ви носам, ооо, фанови на Тајниот клуб „Црно прасе“, а и вам кои само што не сте се навлекле на овој авантуристички стрип за една група девојчиња и момчиња (и животинчиња) кои ги дотеруваат застранувањата на светот со нивните супермоќи, а се здружени под кодното име ТКЦП.

По рафтовите во книжарниците веќе е достапна и втората епизода за екипата за брзо распоредување – ТКЦП (тие меѓусебно не се нарекуваат вака, но јас посакав да им дадам заслужен комплимент). Вие што сте ја прочитале првата епизода, Канџа во мракот, во која главна улога имаше генијот Лео, а и вие што подоцна се вклучувате „во програмата“, овој пат ќе прочитате за успешно решениот случај на умницата Рокси и нејзината Маза.

Се разбира, на овој тим секогаш сте им потребни и вие за успешно разрешување и надминување на проблемите и пречките. Во новата епизода Рокси има една многу специфична мисија – да влезе во мистериозниот замок и да открие кој прави злобни магии и претвора деца во мачиња?!
Затоа, драги ТКЦП-агенти, вооружете се со боички, моливчиња и жестока желба за уживање и впуштете се во епизодата Замокот на илјада мачки…

Илјада мачки!!! Деца претворени во мачиња?! Зад овој случај мора да стои некој ептен пакосен лик. Згора на тоа, живее во замок, среде град. Бррр, ова е малку страшничко.

Но, нема невозможна мисија за бестрашната екипа. Нивната здружена акција е посилна од сечија магија. А да не заборавиме дека секој си има и своја супермоќ што му помага во кризните моменти. Рокси, хероината од новата епизода, на пример, може да направи огромен леплив балон од гума за џвакање и да го оневозможи непријателот да дејствува.

Освен тоа, Рокси го има и потребното знаење што ќе ѝ помогне да влезе во замокот, така што точно ќе одговори на загатките на мачката-чукало и на мачката сфинга што оживуваат. Тоа, да ви кажам право, е мачкина кашлица за една мачкарка. Но, ако вие не ги знаете одговорите, умницата Рокси ќе ви помогне да си го надградите знаењето за овие суштества со статус на свети животни, а кои денес ние ги чуваме како домашни миленици.

Дечки, да не ја одолжуваме работата… Засукувајте ракави и марш на читање. Дружината на „Црното прасе“ има потреба од вашата помош. Откријте кој стои зад овие ујдурми, разобличете го, обезмоќете го и помогнете им на маѓепсаните да си се вратат во првобитната состојба. И не читајте во еден здив зашто потоа ќе ви биде криво што толку кратко ви траело задоволството. Го знам тоа чувство, затоа ве предупредувам.

Вие што сте ја пропуштиле првата епизода, имате одлична можност да го надоместите пропуштеното. Приказните се надоврзуваат, па можно е да се почувствувате подизгубенки кога ќе се споменат одредени, веќе споменати, нешта и тоа да ви влијае врз успешноста на оваа нова мисија.
До следната епизода – будно следете го развојот на настаните и… вежбајте си ја својата супермоќ! 



912

X