За моите драги ќерки и за сите девојчиња, со љубов. Вие можете!

1. Твоето тело се менува и можеби ќе изгледа како да е туѓо додека не добиеш облини. И гради. И коса. Никој не ја сака својата коса, но ќе се навикнеш на неа. Лесно е да ја скратиш ако сакаш. Но, твоето тело е само твое. Потребна му е љубов и грижа. Тоа е неверојатно, без разлика каква форма и големина има, прекрасно е.

2. Не треба да облекуваш нешто само за да се вклопиш во средината. Доколку ти се допаѓа тоа што повеќето го носат, тогаш е во ред. Но, ако не ти се допаѓа, иако е можеби тешко и застрашувачко, носи го она што многу ти се допаѓа и во кое се чувствуваш како тоа да си ти, дури и ако никој друг не го носи тоа. Пријателите (тајно) ќе те почитуваат бидејќи си своја.

3. Не плаши се од менструалниот циклус. Досаден е и упорен. Се појавува секој месец. Но, тој е составен дел од животот и имај на ум дека и сите твои пријателки го имаат.

4. Никогаш немој да бакнеш или да оствариш физички контакт со момче или девојче затоа што мислиш дека треба. Ако ти е непријатно, тоа не е вистинската работа за тебе во тој момент. Инстинктот всушност е многу паметна работа. Никогаш немој да се плашиш да кажеш – не.

5. Спортот е добар, вежбањето е добро. Нема врска дали си во форма или сега почнуваш, едноставно ќе се чувствуваш добро. Ендорфините проработуваат, а тие се одлични за твоето ментално здравје. Ако мислиш дека нема да имаш волја за вежбање или дека нема да уживаш, дури по вежбањето и ќе се чувствуваш безволно, но ќе бидеш задоволна со себе.

6. Ах, таа коса – никој не е задоволен од својата коса. Тоа е факт. Ако е права, зошто не е кадрава, ако е ретка, зошто не е густа. Но, не грижи се за тоа. Твоја е и прекрасна е. И светот нема да престане да се врти доколку не е баш онаква каква што сакаш да биде.

7. Да, мозолчињата се досадни. Како да излегуваат преку ноќ. Но, обиди се, обиди се, обиди се да не ги притискаш, бидејќи верувај ми, само ќе ги влошиш работите. Уредно миј се и пиј доста вода. Јади здраво колку што можеш и престојувај надвор. И вежбај. Со текот на времето ќе поминат. Нема да траат засекогаш, едноставно твојата кожа се менува. Но, знам дека тоа сега е фрустрирачко.

8. Труди се и биди упорна околу работите што ги сакаш и ти се пасија. Вежбај. Ништо не паѓа од небото. Немој да се откажеш на првата препрека. Продолжи понатаму и ќе дојдеш до целта.

9. Верувај во еднаквост на половите. Во мажите и жените. Не во тоа дека жените владеат со светот. Ниту дека мажите владеат. Туку и едните и другите, заедно.

10. Гледај околу себе. Немој постојано да гледаш во телефонот. Тука нема никаква природна убавина.

11. Но, бидејќи телефоните се дел од секојдневниот живот, користи го паметно. Привилегија е да го имаш, затоа немој да го користиш за да бидеш злобна кон некого. Златно правило е никогаш да не му го напишеш во порака на соговорникот она што не би му го кажала в лице. Социјалните мрежи може да се позитивна работа, па користи ги за да го подобриш мислењето за себе и за другите.

12. Исто така, не троши часови на „Инстаграм“. Повеќето луѓе што ги гледаш таму не се реални. Тоа се само кадри од она што луѓето сакаат да го мислиме за нивните животи. Користи го, но стапувај во контакт со луѓе што се искрени и испраќаат позитивни пораки. Немој да следиш некој што прави да се чувствуваш лошо. Такви личности не ти требаат.

13. Читањето е добро за душата. Книгите имаат моќ да те пренесат во други светови и се добро бегство од суровата реалност.

14. Пробај нови работи. Сите ние мислиме дека ќе изгледаме како будали кога пробуваме нешто што никогаш не сме го пробале, но можеби ќе се забавуваш. И знај, само ние мислиме лошо за себеси, никој друг не обрнува внимание на нас. Премногу се зафатени со себе.

15. Биди добра. Не озборувај ги другите зад грб. Тоа е губење време и енергија и ќе се чувствуваш лошо потоа. Сите девојки го прават тоа, некои помалку, некои повеќе, но тоа е лоша работа и ништо добро не доаѓа од тоа. Што мислиш, наместо тоа, да си дадете поддршка една на друга? Секогаш е подобро некого да пофалиш.

16. Заземи се за она во што веруваш и ќе бидеш горда на себе. Нема ништо полошо ако молчиш за работите со кои не се согласуваш или се преправаш дека се согласуваш. Искористи го твојот глас, тој е моќно оружје. Иако е потребна храброст првиот пат за да прозбориш, колку повеќе го истакнуваш мислењето, толку ќе ти биде полесно.

17. Во ред е да се чувствуваш лошо некогаш. Не постои лице што некогаш не се чувствувало многу лошо, без разлика колку и да му е животот совршен. Доколку не можеш да се ослободиш од тоа чувство, разговарај со некого. Ако не сакаш тоа да бидат родителите, разговарај со некој на кој му веруваш. Знам дека тоа може да звучи застрашувачко бидејќи секогаш мислиме дека сите други се супер, но не се. Голема е веројатноста барем некогаш да се чувствувале како што ти се чувствуваш. Не си единствената и не си сама.

18. Грижи се за пријателите. Провери дали се добро. Ако почувствуваш дека се однесуваат различно, прашај што не е во ред. Ако одговорат дека сè е во ред, но ти не си убедена, прашај ги повторно. Дури и ако не сакаат да разговараат со тебе, барем дај им до знаење дека си тука за нив.

19. Пробај да не се грижиш за тоа што мислат другите за тебе. Стара изрека е дека не е наш проблем што мислат другите за нас. Во повеќето случаи луѓето се премногу зафатени со себе за да размислуваат за тебе.

20. Живеј во сегашноста. Не грижи се за минатото. Поминато е и ништо не можеш да направиш за да го промениш. Не грижи се премногу за иднината. Таа ќе дојде, но сè уште не е тука. Живеј сега и овде.

21. Најважно, запомни дека има многу љубов околу тебе. Давај ја, земај ја за себе и потоа пружи ја уште малку повеќе. Тоа е најважно од сè!

Автор: Сузи Вивер

Извор



912

X