Кога Линдзи Собел имала 12 години, присуствувала на кошаркарски натпревар во арената „Стејплс центар“ во Лос Анџелес и била многу погодена од големиот број бездомници во тој регион.

– Забележав дека многу од нив живееја во навистина грозни услови и помислив дека ниту една личност не заслужува да живее на тој начин. Покрај сè, забележав дека многумина од нив немаат чевли. Со моите 12 години помислив: Ох, зарем луѓето немаат чевли? Тоа ми создаде сосема нова перспектива за животот – изјавила Линдзи.

Сега, како 17-годишна девојка, донирала 30 илјади чевли за луѓето во Јужна Калифорнија – неверојатно постигнување за кое вели дека ја исполнува со среќа поради фактот дека е во состојба да им помогне на луѓето.

По своето искуство на кошаркарски натпревар, Линдзи го средувала својот ормар и сфатила дека има многу чевли кои никогаш не ги носела. „Никогаш не сум носела половина од овие чевли. Донирањето чевли беше одличен начин да ѝ помогнам на заедницата“, се сеќава Линдзи. И така, мотивирана, одлучила да почне со собирање нови и носени чевли. Ја основала добротворната организација „Чевли за души“ и почнала да бара помош од пријатели и другари од училиште за донирање. Исто така, организира и еднонеделен излет во летен камп каде што камперите се натпреварувале кој ќе донира повеќе чевли. Линдзи брзо собрала неколку илјади чевли кои му ги подарила на локалното засолниште за бездомници и е прогласена за младо лице на годината во малиот град Четсворт. Како средношколка, Линдзи продолжила со собирањето чевли во текот на последните неколку години, но како што завладеала пандемијата, собирањето донации станало малку тешко – иако знаела дека има повеќе луѓе на кои им е потребна помош.

Користела апликација за социјално вмрежување по квартови, со своето училиште, одбојкарски клуб и пошироката заедница, за да организира бесконтактно преземање на донациите. Кога два члена на градскиот совет на Лос Анџелес од неа побарале помош, во рок од неколку недели успеала да донира над 4 илјади пара. „Бев толку почестена што можев да помогнам. Беше навистина одлично да се гледа дека мојата работа се исплаќа“, изјавила Линдзи.

Иако Линдзи сака да им подари на луѓето што повеќе чевли, таа вели дека секогаш внимава тие да се во добра состојба.

„Моето мото е – ако вие би ги носеле чевлите, јас ќе ги прифатам.“ Сакам да се обидам да им го овозможам најдоброто можно искуство на сите луѓе. Не сакам да им дадам чевли кои се уништени или истрошени. Не сакам да мислат дека тоа е нивната сопствена вредност“, изјавила Линдзи.

Таа рекла дека стекнала голема почит кон добриот пар обувки. „Знам дека сочуван пар чевли навистина може некому да му ги разубави денот, ставот и погледот на животот. Сакав да им помогнам на што повеќе луѓе и кон тоа стремам и понатаму“, заклучила Линдзи.

Извор



912

X