Повеќето мали девојчиња сакаат кукли. И 17-годишната Ариела Пачеко ги сакала кога била малечка. Бидејќи децата се врзуваат со кукли што личат на нив, Пачеко избрала кукла што изгледала како да ѝ е сестра.

– Изгледаше како мене и чувствував дека сум дел од неа. Се гледаш себеси во куклата и е навистина посебно кога имаш таква врска – вели Пачеко.

Децата наоѓаат удобност и врска играјќи со кукли што ја рефлектираат нивната сопствена физичка слика, како и нивното расно и културно наследство, но до неодамна меѓу куклите што се продаваат немаше некоја голема разновидност.

Децата со ретка медицинска состојба имаат различен изглед, па не постои надеж дека ќе најдат кукла што личи на нив.

Знаејќи колку е важно создавањето на личната врска со куклата за едно дете, Пачеко добила идеја.

Инспирирана од дизајнерката на кукли Ејми Јандришевиц, чиј проект „Кукла како мене“ создава кукли за деца со попреченост дизајнирани по мерка, Пачеко одлучила и таа да создаде сличен проект, дизајнирајќи и шиејќи уникатни кукли што им ги донира на децата со ретки медицински состојби.

Се надевам дека ќе можат да се видат во ново светло и да ја прифатат својата убавина

За да ги најде децата за кои ќе создаде уникатни кукли, Пачеко соработувала со компанијата „Фреш старт сурџикл гифтс“ во Карлсбад, Калифорнија, добротворна организација што обезбедува бесплатно хируршко и медицинско лекување на децата.

– Прекрасно е тоа што таа направи кукли што ќе им помогнат на децата да не се чувствуваат осамено – вели Мишел Пиус, директорка за развој на „Фреш старт“.

– Цело време се обидував да дадам што повеќе љубов и се надевав дека верно ќе го претстават секое дете. Навистина ја ценам убавината што ја даваат ситниците. Секое од овие деца е толку уникатно, толку посебно. Се надевам дека преку овие кукли децата ќе можат да се видат во ново светло и да ја прифатат својата убавина – вели Пачеко.

Извор



912

X