Здравје

Тинејџерите не треба да ги користат своите телефони повеќе од четири часа на ден

Истражувачите од Медицинскиот центар при Универзитетот „Ханјанг“ во Јужна Кореја откриле дека тинејџерите што користат паметни телефони повеќе од четири часа дневно, покажуваат повисоки стапки на проблеми со менталното здравје и употреба на супстанции. Тие ги анализирале податоците од повеќе од 50.000 корејски адолесценти од спроведената анкета за ризично однесување на младите на интернет, во 2017 и 2020 година, фокусирајќи се на нивната секојдневна употреба на паметни телефони.

Тие откриле дека оние што надминале четири часа дневно имале повисоки стапки на стрес, самоубиствени мисли, дебелина и употребувале супстанции. Интересно е што оние што ги користеле своите телефони само еден до два часа дневно имале помалку проблеми од оние што воопшто не ги користеле. Исто така, откриле дека 85,7% од учесниците користеле паметни телефони повеќе од два часа дневно во 2020 година, во споредба со 64,3% во 2017 година.

„Паметните телефони станаа суштински платформи во животот на младите луѓе. Секојдневниот живот на адолесцентите е поврзан со паметни телефони за различни намени, а овој тренд е забрзан со затворањето на училиштата и социјалното дистанцирање поради ковид-19. Како што времето поминато на паметните телефони се зголемува, има сѐ повеќе докази дека употребата на паметни телефони е поврзана со многу негативни ефекти врз здравјето на адолесцентите“, истакнал коавторот на студијата Јонг Хо Ча во соопштението за медиумите.

Резултатите од студијата биле објавени во списанието „ПЛОС Уан“. Претходните истражувања ја поврзуваат зголемената употреба на паметни телефони со нарушувања на спиењето, проблеми со видот и мускулно-скелетни проблеми.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top