Бебињата родени од 1 јануари 2025 година се дел од бета-генерацијата, која е ознака за оние родени од 2025 до 2039 година.

Истражувачката компанија „Мекриндл“ објавила дека генерацијата бета ќе сочинува 16 отсто од светската популација до 2035 година и дека многу од нив ќе живеат во 22 век.

Фирмата е основана од социјалниот истражувач Марк Мекриндл, кој го измислил терминот генерација алфа.

Во текот на изминатите 100 години генерациите беа категоризирани на овој начин:

Генерација бета: 2025-2039

Генерација алфа: 2010-2024

Генерација З: 1997-2009 година

Милениумци: 1981-1996 година

Генерација X: 1965-1980 година

Бумери: 1946-1964 година

Тивка генерација: 1928-1945

Генерацијата бета, исто така, се очекува да биде силно обликувана од технологијата, исто како и нивните претходници од генерацијата алфа, кои повремено добиваа прекар „деца на ајпад“ поради нивното потпирање на технологијата.

Мекриндл напишал дека животите на овие малечки ќе бидат дефинирани со вештачка интелигенција и автоматизација – и дека ќе се соочат со големи општествени предизвици, како што се климатската криза и глобалните промени на населението.

Родителите на децата на генерацијата алфа сѐ повеќе се борат со тоа како да управуваат со односите на нивните деца со технологијата и алатките за вештачка интелигенција, кои станаа широко распространети од лансирањето на „Чет-ГПТ“ во ноември 2022 година.

Студијата на Истражувачкиот центар „Пју“ објавена во ноември 2023 година покажала дека секој петти студент кој слушнал за „Чет-ГПТ“ ја користел програмата кога решавал училишни задачи.

Многу експерти предупредуваат на изложеноста на најмладите на социјалните мрежи, наведувајќи го штетното влијание што може да го има врз менталното здравје.

Извор



912

X