Воспитување

Тетките им се важни на девојчињата исто колку мајките, тврди психолог

Да, тетките им се исто толку важни на децата како и нивните мајки, вели експертот за родителство Стив Бидулф, психолог и автор на книгата „10 работи што им се најпотребни на девојчињата“. Тој вели дека тетките играат клучна улога во процесот на развој, најмногу во емоционалниот развој, особено кај девојчињата и младите жени.

Психологот објаснил дека на девојчињата им треба некој друг покрај нивните родители, а тетките честопати се „столбот на менталното здравје“ што им треба.

-Има некои ситуации, фази во растењето кога девојчињата навистина не сакаат да ги слушаат или да им се жалат на мама или тато, иако им треба совет и помош – вели Бидулф.

Истакнува и дека девојчињата се соочуваат со посебни, специфични секојдневни притисоци кои ги создаваат социјалните мрежи, а тетките се фантастичен систем за поддршка во оние ситуации кога девојката од страв од осуда или казна не сака да им се обрати на родителите.

-Не мора да биде тетка, туку некој близок до неа. Можеби вујна, стрина, дури и блиска пријателка на мајката на која девојката ѝ верува – вели Бидулф, повикувајќи ги младите жени што имаат внуки или внуци да најдат време да го поминат сами со нив за да изградат доверба.

Воспоставувањето блиска врска со детето, покажувањето интерес за она што му се случува, покажувањето дека сте таму, подготвени да помогнете и да му дадете совет, ќе му даде на тоа дете чувство дека има кому да му се обрати кога ќе се чувствува како да не може да се обрати и да разговара со мајката или таткото.

-Доколку таа личност не постои во животот на една девојка, таа веројатно ќе се сврти кон своите врсници, а токму тогаш ја преземаат контролата социјалните мрежи бидејќи група врсници тешко може да ја замени поддршката што ѝ е потребна од возрасните – додава психологот.

Сè на сè, тетките се исклучителни, посебни суштества, без кои овој свет не би бил ист.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top